До учесниците на Светскиот форум за вода, собрани во Сенегал, папата Фрањо испрати порака потпишана од државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, во која го повтори правото на вода за пиење и санитарни услови како примарно, универзално и основно за градење на братството.
До учесниците на 9. Светски форум за води, што се одржува во Дакар, Сенегал, од 21 до 26 март, на тема „Безбедност на водата за мир и развој“; папата Фрањо испрати порака, потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, а прочитана од кардиналот Мајкл Черни, привремен раководител Дикастерија за промовирање на целоссен човечки развој.
Направете ја водата вистински симбол на дијалог
Папата во својата порака истакнува дека се моли за работата на овој меѓународен собир, како можност да работиме заедно на остварување на правото на вода за пиење и санитарно-хигиенски услови за секое човечко битие и на тој начин да придонесеме водата да биде вистински симбол на споделување и конструктивен и одговорен дијалог во корист на траен мир.
Светот е жеден за мир
Тргнувајќи од претпоставката дека нашиот свет е жеден за мир, што е „неделливо добро“, Папата ги поттикна сите напори за негово градење, преку постојан придонес на сите. Ова бара задоволување на суштинските и виталните потреби на секое човечко суштество. Папата потсети и дека безбедноста на водата денес е загрозена од загадување, конфликти, климатски промени и злоупотреба на природните ресурси. Не можеме да ја сметаме водата едноставно како приватно добро што генерира комерцијален профит и подлежи на законите на пазарот – истакна Папата.
Пристапот до вода и хигиенските услови се примарно право
Податоците, кои треба да ја потресат совеста и да доведат до конкретни постапки на меѓународните лидери, се однесуваат на состојбата на повеќе од две милијарди луѓе кои немаат пристап до чиста вода и/или хигиенско-санитарни услови. Папата привлече внимание на последиците, особено за пациентите во здравствените домови, за мајките, затворениците, бегалците и раселените лица. Повикувајќи се на енцикликата Laudato si’, во пораката нагласува дека пристапот до вода и хигиенски услови е примарно, основно и универзално право, бидејќи го одредува опстанокот на луѓето.
Братска соработка во управувањето со водите
Папата во својата порака, меѓу другото, повтори дека водата е Божји дар и заедничко наследство што треба да се користи универзално, а бидејќи претежно е прекугранично добро, ги охрабри земјите да соработуваат повеќе. Тоа би бил голем чекор на напред за мирот – истакна тој, а потоа ги посвети своите мисли на реките Сенегал, Нигер, Нил… областите и можностите каде водата потсетува на потребата од братство. Управувањето со водата на одржлив начин и со ефективни и солидарни институции е начинот преку кој може да се препознае тој дар дека припаѓа на целото создание и ни е доверен за да можеме заедно да се грижиме за неа – се вели во пораката на Папата.
Ватикан њуз/к.мк