Папата: Комуникацијата мора да биде инклузивна и вистинита

Папата: Комуникацијата мора да биде инклузивна и вистинита

Примајќи ги во аудиенција вработените во Дикастеријата за комуникација, Светиот Отец се осврна на одговорноста на оние кои учествуваат во комуникацијата, поттикнувајќи ги секогаш да ја бараат вистината, да се борат против говорот на омраза, да им дадат глас на оние кои немаат глас и да се воздржуваат од ширење на лични мислења.

Должноста на оние кои работат во комуникациите е да поттикнат близина, да им дадат глас на исклучените, да привлечат внимание на она што вообичаено го отфрламе и игнорираме, рече папата Фрањо, обраќајќи им се на учесниците на пленарното собрание на Дикастеријата за комуникации.

Римскиот бискуп ги прими на аудиенција во сабота 12 ноември 2022 година во Апостолската палата во Ватикан и ги потсети присутните дека Божјиот глас мора да оддекнува во нивната работа.

Три камен темелници на комуникацијата

Папата посочи три точки на кои мора да биде насочена комуникацијата. Комуникацијата треба да ги направи луѓето помалку осамени, да се даде глас на оние кои немаат глас, а при комуникацијата да се образува за вистината. Тој нагласи дека комуникацијата мора да го намали чувството на осаменост на кое се осудени многу мажи и жени; инаку, спротивно на тоа, имено е само забава и додаде дека секој човек се чувствува помалку осамен кога ќе сфати дека прашањата и тешкотиите што ги носи во себе доаѓаат до израз однадвор.

Само Црква која е вкоренета во реалноста, навистина знае што има во срцето на современиот човек, рече римскиот бискуп и додаде дека вистинската комуникација доаѓа од слушање, од средби, од разговори за животите на луѓето.

Одиме напред

Папата Фрањо се осврна и на тоа како медиумите премногу често го маргинализираат и цензурираат она што е непријатно, а што не сакаме да го видиме. Задачата на Црквата, рече Светиот Отец, е да биде со последните; нејзиното природно живеалиште е на егзистенцијалните периферии на светот.

Егзистенцијалните периферии, објасни тој, не се само оние каде мажите и жените се на маргините на општеството од економски причини, туку оние каде лебот е обилен, но бесмислен, или каде луѓето живеат во ситуации на исклучување поради погрешни избори, семејни неуспеси или лични настани кои ги одбележале нивните животи.

Светиот Отец ги повика присутните вработени во ватиканската Дикастеријата за комуникации да размислат дали Црквата е присутна за браќата и сестрите, дали знае да ги слуша и дали може заедно со нив да ја согледа волјата Божја и на тој начин да им упати слово што спасува.

Хармонија на различни гласови

Фокусирајќи се на напорите за комуникација, Папата забележа дека различните тензии и гласови можат да создадат замор.

Тој додаде дека оние кои го знаат начинот на кој дејствува Светиот Дух, многу добро знаат дека Тој сака да создава единство од различноста и хармонија од збунетоста. Единството никогаш не е униформност, туку способност многу различни реалности да се држат заедно. Комуникацијата, исто така, мора да дозволи различност на гледиштата, стремеж да се зачува единството и вистината, борба против клеветите, вербалното насилство, персонализмот и фундаментализмот кои шират поделеност и раздор, заклучи Папата.

Обраќајќи им се на присутните, Петровиот наследник истакна дека работата на Дикастеријата за комуникација не е само техничка работа, туку се однесува и на Црквата.

На крајот од говорот Папата им се заблагодари на ватиканските вработени и раководителите на Дикастеријата за нивната работа. Ги охрабри да бидат сигурни и храбри, секогаш да зборуваат од срце и внимателно да слушаат, да бидат хумани и секогаш да учествуваат во дијалогот барајќи ја вистината.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот