Папата ја прими делегацијатана Вселенската патријаршија: Божјото милосрдие нѐ обединува
„Чествувајќи го празникот на Апостолите, ние го обновуваме споменот на простувањето и благодатта на светите патрони на Рим, Петар и Павле, кои со својот живот, обележан со Божјото милосрдие, ги преобраќаат сите верници во Христа“.
Ова го истакна папата Фрањо на аудиенцијата за делегацијата на Цариградската патријаршија, кои ги прими по традиција во пресрет на празникот на двајцата свети Апостоли.
„Иако постојат многувековни разлики помеѓу Римската и Цариградската црква во литургиската област, црковните дисциплини и формулирањето на единствената објавена вистина, испробаната бескрајна Божја љубов е таа која нѐ обединува“, посочи папата Фрањо. „Треба да се признае дека Божјото милосрдие е она што нѐ обединува и треба да се претвори во критериум во нашите односи“:
„Ако, како католици и православни, сакаме заедно да ги објавуваме чудесата на Божјото милосрдие на целиот свет, не можеме да ги негуваме меѓу нас чувствата на ривалство, недоверба и омраза. Самото милосрдие нѐ ослободува од товарот на минатото, обележано со конфликти и ни овозможува да се отвориме за иднината кон која нè води Светиот Дух“.
Папата изрази пофалби за „плодната работа“ на православно-католичкиот теолошки Совет во Северна Америка и радост од претстојното заседание на Меѓународната мешана теолошка комисија меѓу Католичката и Православната Црква, која ќе ја обнови својата работа од следниот септември. „Да се помолиме на Господ за нејзина плодна работа“, рече Папата, обраќајќи се конкретно до двајцата копретседатели, архиепископот Џеб Телмесос и Пергамскиот митрополит Јоанис Зизјулас.
Папата Фрањо потсети на неодамнешната посета на грчкиот остров Лезбос одржана заедно со патријархот Вартоломеј и архиепископот на Атина и цела Грција Јеронимос: „Гледајќи ги очајните лица на мажи, жени и деца со несигурна иднина, слушајќи ги немоќно расказите за нивните беди и молејќи се на брегот на морето, кое ги зеде животите на толку многу невини човечки суштества, имавме многу впечатливо искуство кое потврдува колку треба уште многу да се направи за да се обезбеди достоинството и правдата на бројните наши браќа и сестри“.
Папата Фрањо ја истакна заедничката одговорност на католиците и православните кон сиромашните, како Божји службеници, послушни на Евангелието: „Прифаќањето на таа одговорност е долг, кој се однесува на довербата кон нашата христијанска суштина. Затоа ги охрабрувам сите форми на соработка помеѓу католиците и православните во конкретните активности во служба на човештвото кое страда“.
РВ/В.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк