Папата: Христијаните не треба да се плашат од слободата што им е дадена од Светиот Дух

Ватикан, 12.6.2013 /к.мк/ – Не треба да се плашиме од слободата што ни ја дава Светиот Дух. Тоа го истакна папата Фрањо за време на светата Литургија, која ја служеше во среда 12 јуни во домот Света Марта во Ватикан. Папата истакна дека во овој момент Црквата треба да се заштити од две искушенија: од враќањето назад и од „незрелиот прогресивизам“. На олтарот заедно со Папата сослужуваше кардиналот Жоао Брас де Ависи во присуство на групи свештеници, монаси и вработени во Конгрегацијата за богопосветен живот. Меѓу учесниците на Литургијата беше и кардиналот Бернард Агре.

„Не мислете дека дојдов да го прекршам законот“ (Матеј 5,18): врз овие Исусови зборови упатени кон учениците, Папата го темелеше своето размислување. Тој веднаш истакна дека овој евангелски текст следува веднаш по тој за блаженствата, „израз на новиот закон“, поригорозен од оној на Мојсеј. Овој закон, додаде Папата е „плод на Заветот“ и не може да биде разбран без него. „Овој Завет – рече – овој закон е свет, бидејќи го води напред Божјиот народ“. Тој ја спореди „зрелоста на овој закон“ со „семето што цвета и донесува плод“. Исус е израз на зрелоста на законот и додаде дека Павле ни зборува за овие две времиња „без да го прекинувате времетраењето“ меѓу законот на историјата и законот на Духот:

„Часот за спроведување на законот, часот во кој законот доаѓа до својата зрелост: тоа е законот на Духот. Тоа одење по овој пат е малку ризично, но е единствениот пат на зрелоста за да се излезе од времето на незрелоста. На тој пат кон зрелоста на законот, кој доаѓа со проповедањето на Исус, секогаш има страв, страв од слобода, која ни ја дава Духот. Законот на Духот нè прави слободни! Оваа слобода ни дава малку страв, бидејќи се плашиме да ја измешаме слободата на Духот со човековата слобода“.

Законот на Духот, рече Папата, „не води по патот на постојано откривање на вршењето на волјата Божја и тоа нè плаши“. Еден страв што „содржи две искушенија“. Првиот е „враќањето назад“, да кажеме дека „може да се дојде до тука, и не понатаму“ и на крајот остануваме тука Тоа е, предупреди, „искушението за стравот од слободата, за стравот од Светиот Дух“. Страв, поради кој „е подобро да останеме на безбедно место“. Папата говореше за едно искуство на еден генерален настојател, кој во 30-тите години, ги собира сите прописи кои се спротивни на харизмата на своите монаси, работа која ја врши со години. Потоа оди во Рим кај еден бенедиктински игумен кој слушајќи што направил, му рекол дека конечно така ја „убил харизмата на својата монашка заедница“, „ја убил слободата, која носи плодови во изборот, ја спречил харизмата“:

„Тоа е искушението да се враќаме назад, бидејќи сме сигурни: но целосната сигурност е во Светиот Дух, кој те води напред, кој ти ја дава таа доверба – како што вели свети Павле – тоа е доверба во Духот, кој е строг, бидејќи Исус ни вели: „Вистина ви велам: се додека не поминат небото и земјата, нема да помине ниту една јота на законот“. Тоа е строго! Но тоа не ни дава човечка безбедност. Не можеме да го контролираме Светиот Дух: тоа е проблемот! Тоа е едно искушение“.

И уште, продолжи Светиот Отец, постои едно друго искушение, тоа е „незрелиот прогресивизам“, како малолетници кои веднаш сакаат се, а на крајот? Се лизнуваат…. Тоа е како автомобил кој вози на патот по мраз и одеднаш се лизнува надвор од патот. Тоа е второто искушение во овој момент. Ние во овој момент од историјата на Црквата не можеме да се враќаме назад ниту пак да се симнуваме од патот – рече папата Фрањо.

Нашиот пат е во слободата на Светиот Дух, кој не ослободува преку постојано расудување на Божјата волја да се оди на тој пат, без да се враќаме назад и без да излегуваме од патот. Да ја побараме од Господа, заклучи Папата, „благодатта, која ни ја дава Светиот Дух, за да одиме напред“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<