Блажен Шарл де Фуколд ќе биде прогласен за свет

Блажен Шарл де Фуколд ќе биде прогласен за свет

Папата Фрањо во средата на 27 мај 2020 година одобри прогласување на тројца нови светци и неколку блажени. Меѓу новопрогласените светци ќе биде и блажен Шарл де Фуколд француски свештеник и пустиник, роден во Стразбур во 1858 година во благородничко семејство.

Кога имал шест години Шарл де Фуколд останал без родители и за него и за помладата сестра се грижеле неговите дедо и баба. Подоцна во своите белешки ќе запише дека отсекогаш се восхитувал на големата интелигенција на својот дедо чија бескрајна нежност го опкружила неговото детство и младост со атмосфера на љубов.

Иако воспитан во католичката вера на возраст од 17 години се одалечува од Бог. Со години живее раскалашено и расипнички благодарение на богатото семејно наследство. Учестувал во загушувањето на буната во француските колонии во Северна Африка и патувал по „Црниот континент“ во улога на истражувач и географ. Со своите откритија и белешки придонесува за создавање на попрецизна географска карта на Северна Африка и добива златен медал од Француското географско друштво.

Не наоѓајќи мир младиот Шарл и понатаму трага по вистината. Во своите белешки подоцна ќе запише дека на почетокот од октомври 1886 година, после 6 месеци поминати со семејството во Париз додека ги пишувал записите за патувањето во Мароко, се нашол во друштво на многу интелигентни христијани вредни за почит. Истовремено во себе почувствувал силна внатрешна милост која го поттикнувала. Иако не бил верник започнал да оди во црква. Единствено таму се чувствувал добро и во црквата поминувал часови повторувајќи ја молитвата: „Боже мој ако постоиш дај да Те запознаам!“

По преобраќањето и патувањето во Светата Земја се одлучува целосно да Му се посвети на Бог и во 1890 година влегува во трапистички манастир. Седум години подоцна генералниот поглавар на трапистичкиот ред му дава дозвола да се насели во Назарет каде останува до 1900 година. По свештеничкото ракополагање во јуни истата години оди во Бене Абес. Во таа населба во алжирска Сахара околу 150 километри од границата со Мароко живее во скромно живеалиште кое локалното население заради гостољубивоста на Шарл и љубовта кон ближниот му дава едноставно име „Братство.“

Во неговите белешки од тој период пишува дека по цели денови од 4.30 часот наутро до 20.30 часот навечер поминува среќавајќи се со робови, сиромашни, заболени, војници, патници и љубопитници и разговарајќи со нив. Сакал околу себе да собере ревни монаси кои го љубат Бог со целото срце, а ближниот како себе, мало семејство кое Исуса би го наследувало на толку совршен начин така што да Го засакаат сите во нивната околина.

За ширењето на Евангелието подготвен сум да отидам на крајот на светот и да живеам до последниот суд – запишал во една прилика Шарл де Фуколд, а меѓу неговите белешки исто така се и зборовите: „Боже мој дај сите човечки битија да одат во небо!“ Во јануари 1904 година заминува уште подлабоко во Сахара, во земјата Туагера. Моментално сум номад, одам од еден логор во друг, обидувајќи се да воспоставам пријателски односи – запишал Шарл де Фуколд.

Во 1916 година во француската тврдина Јанет околу 450 километри од неговото пустинско живеалиште ги нападнале повеќе од илјада вооружени припадници на исламска верска секта Сенуси. Во декември истата година неколку луѓе поврзани со таа секта на почетокот сакале да го киднапираат отец де Фуколд, но плановите им ги замрсиле двајца француски војници кои се затекнале во близина. Во мешаницата еден од киднаперите го усмртил на отец Фуколд, а после тоа се убиени и двајцата војници.

Исусовите зборови од Евангелието според Иван „Ако зрното пченично, што паднало на земјата, не умре останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод“ (Иван 12, 24) се остварија на посебен начин во животот на блажен Шарл де Фуколд кој денес има големо духовно семејство вдахнато од неговиот живот и од списите. Додека бил жив не успеал да ја основа, но денес тоа вклучува разни верски здруженија, монашки заедници, световни лаички институту и свештеници во целиот свет вдахнати од личноста и мислењето на тој „универзален брат.“ Од големиот број заедници ги спомнуваме само Исусовите мали Браќа кои во 1933 година во Алжир ги основа Рене Воилаум и нивната женска гранка, Исусовите мали Сестри.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот