Папата до студентите на Институтот De Propaganda Fide: Бидете вистински сведоци на дијалогот и мирот

Папата до студентите на Институтот De Propaganda Fide: Бидете вистински сведоци на дијалогот и мирот

Примајќи ја во аудинеција заедницата на Папскиот институт De Propaganda Fide, која образува свештеници кои ќе одат во мисионерски подрачја, Папата ги охрабри да ги тргнат маските и да бидат како Исус, да излезат од себе за да се сретнат со другите и да се отворат за дијалог. На светот и на Црквата им требаат сведоци на братството и мирот

За да се биде ученици-мисионери блиски до Бога и другите, потребна е храброст на автентичност, способност да се излезе од себе и отвореност за дијалог – истакна папата Фрањо во обраќањето до заедницата на Папскиот институт De Propaganda Fide, кој ги прими во аудиенција во сабота 21 јануари 2023 година. Присуствуваа поглавари и студенти на семинаријата основана во 1627 година од Урбан VIII за формација на свештенство наменети за мисионерските подрачја, кои оваа година, по повод 400-годишнината од основањето на институт De Propaganda Fide, размислуваат за живиот и личен однос со Исус како духовен извор на секоја мисија, вдахновени од мотото: „Да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат“ (Марко 3,13).

Храброст за автентичност

Што се однесува до храброста на автентичност, римскиот епископ ги охрабри да ги тргнат маските што ги носат, можеби за да изгледаат совршени, беспрекорни и услужни или подобри од другите.

Маските не се неопходни, драги браќа: не се потребни! Да се претставиме пред другите без заштита, какви што сме, со нашите ограничувања и противречности, надминувајќи го стравот од осудувањето од другите затоа што не одговараме на идеалниот модел, кој често постои само во нашата глава. Да негуваме искреност и понизност на срцето, кои ни даваат правилен поглед на нашата внатрешна кршливост и сиромаштво. Да се потсетиме дека ние сме веродостојни мисионери не поради облеката што ја носиме или поради нашето надворешно однесување, туку поради стилот на едноставност и искреност. Транспарентност, тоа е тоа.

Способноста за излегување од себе

Ученикот-мисионер, освен тоа, треба да биде способен да излезе од себе, бидејќи – објасни Папата – животот со вера е постојано ‘излегување’; излегување од нашите умствени шеми, од оградата на нашите стравови, од малите сигурности кои нè уверуваат, бидејќи во спротивно постои опасност да го обожаваме Бога кој е само идол и да не доживееме вистински средби со другите.

Отвореност за дијалог

На крајот, треба да се отвориме за дијалог со Бог во молитва, што е и излез од нашето его за да го прифатиме. Потоа – објасни Папата – треба да се отвориме за братски дијалог, со радикална отвореност за другиот. Иван Павле II. во енцикликата Redemptoris Misio подучува дека карактеристичен стил мисионерот треба да биде дијалогот; Исус ни го покажа тоа станувајќи човек, прифаќајќи ги драмите, прашањата и очекувањата на страдалното човештво во потрага по мир – рече папата Фрањо и додаде:

На светот му треба дијалог, му треба мир. И му требаат мажи и жени кои сведочат за тоа. Ве охрабрувам да одите во школата на оние „маченици на дијалогот“ кои во некои ваши земји храбро тргнаа на тој пат за да бидат градители на мирот. Не плашете се да го следите Него, до крај, одејќи против струјата и споделувајќи го Исус, пренесувајте ја верата што Тој ви ја даде.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот