Ангел Господов: Мораме да му служиме на човештвото жедно за вистина и правда, а не на спротивставувања
Во пладневниот наговор во недела, 8 март 2026 година, папата Лав XIV рече дека настанот со Самарјанката нè поттикнува да се придвижиме кон вистинска средба со другите, напуштајќи ги предрасудите. Така, на сите може да им се даде можност да ја угасат својата жед од вистинскиот духовен извор, кој е Исус.
Во денешниот наговор пред молитвата „Ангел Господов“, папата Лав XIV го посвети своето размислување на средбата меѓу Исус и Самарјанката и истакна:
Дијалогот меѓу Исус и жената Самарјанка, исцелувањето на слепородениот и воскресението на Лазар, уште од првите векови на црковната историја, го осветлуваат патот на оние што на Велигден ќе го примат крштението и ќе започнат нов живот. Овие големи евангелски одломки, кои ги читаме почнувајќи од оваа недела, им се даруваат на катехумените, но во исто време повторно се слушаат и во целата заедница, затоа што ни помагаат да станеме христијани или, ако веќе сме, да бидеме тоа со поголема автентичност и со поголема радост.
Потоа ги спомена и Исусовите ученици, кои се зачудиле што Исус разговара со жена. Папата додаде дека ним им било тешко да ја прифатат Неговата мисија како своја, па затоа Учителот ги потсетува на нивните зборови: „Уште четири месеци и ќе дојде жетвата“. А потоа им вели: „Еве, Јас ви велам: подигнете ги очите и погледнете ги нивите, веќе побелени за жетва“.
Господ, продолжи Папата, ѝ зборува и на Својата Црква: „Подигни ги очите и препознај ги Божјите изненадувања!“ На нивите, четири месеци пред жетвата, речиси ништо не се гледа. Но таму каде што ние не гледаме ништо, благодатта веќе дејствува и плодовите се подготвени за берење. Жетвата е голема: можеби работниците се малку, затоа што се зафатени со други работи. Исус, напротив, е внимателен. Според обичаите на тогашното време, Тој требало едноставно да ја игнорира Самарјанката; меѓутоа, Исус ѝ зборува, ја слуша и ѝ укажува доверба без скриени намери и без презир.
На крајот, Светиот Отец потсети на важна порака од денешното читање:
Колку луѓе во Црквата ја бараат токму таа нежност, таа подготвеност! И колку е убаво кога ќе го изгубиме чувството за време за да му посветиме внимание на оној што го среќаваме, таков каков што е. Исус дури забораваше да јаде, толку многу го хранеше волјата на Отецот за да допре до секого во неговата длабочина.
„Сестри и браќа, денес од Марија, Мајката на Црквата, да молиме да можеме да служиме, со Исус и како Исус, на човештвото жедно за вистина и правда. Не е време за спротивставувања меѓу еден храм и друг, меѓу ‘нас’ и ‘другите’: поклониците што Бог ги бара се мажи и жени на мирот, кои Го почитуваат во Дух и во вистина“, го заврши Светиот Отец своето обраќање.
Ватикан њуз/к.мк

