Папата Фрањо: Со Ерменскиот геноцид започнаа катастрофите на 20-от век
Од животна важност е, сите кои ја исповедаат својата вера во Бога, да ги обединат своите сили со цел да го изолираат секого кој инструментализира и манипулира си светото име Божјо – рече папата Фрањо на средбата со претставниците на ерменската власт, на граѓанското општество и дипломатскиот хор, која се одржа попладнето во петокот, на 24 јуни во Ереван.
Папата на почеткот од својот говор пред сѐ се потсети на минатогодишната свечена миса која ја предводеше во базиликата Свети Петар во Ватикан заедно со Карекин II, врховниот патријарх и католикос на сите Ерменци; со Арам I, католикос на Ерменската Црква со седиште во Киликија; како и со Нерсес Бедрос XIX, ерменскиот католички католикос кој неодамна почина.
По тој повод – рече Папата – беше споменатата годишнина Metz Yeghérna, „Големото зло“, кое го погоди вашиот народ и предизвика смрт на голем број луѓе. Со оваа трагедија, со овој геноцид, – според зборовите на Папата – за жал, започнаа тажната серија на ужасни катастрофи од минатиот век, реализирани врз основа на расно, идеолошко или верско образложување, кое го замаглија умот на злосторниците до тој степен што како цел си поставија за уништување на цели народи. Жално е што во оваа, како и во другите (трагедии), големите сили гледале на другата страна – додаде Папата.
Истакнувајќи како ерменскиот народ и во најтрагичните моменти на својата историја, во Крстот и Христовото воскресение секогаш наоѓал сила да се подигне и достоинствено повторно да го продолжи својот пат, Светиот Отец рече дека тоа покажува колку се длабоки корените на христијанската вера и колкаво непроценливо богатство за утеха и надеж таа опфаќа. Затоа Папата посака целиот човечки род да знае дека од овие омрази, од овие предрасуди и незапирливата желба за превласт, да извлече порака и одговорно и мудро да делува со цел да ја спречи опасноста од повторното паѓање во тие ужаси.
Затоа од страна на сите луѓе да се зголеми напорот со цел со меѓународните спорови секогаш да доминира дијалогот, постојаното и вистинското барање на мирот, соработката помеѓу државите и постојаните заложби на меѓународните тела, со цел да се воспостави потребната самодоверба за постигнување на трајни договори кои аспирираат кон иднината – посака Папата.
Католичката Црква сака активно да соработува со сите оние кои на срце им е судбината на цивилизацијата и почитувањето на правата на човекот, со цел во светот да преовладуваат духовните вредности, а и да се разоткријат оние кои го валкаат нивното значење и убавина – рече Папата и истакна дека затоа од животна важност е сите кои ја исповедаат својата вера во Бога да ги обединат своите сили со цел да го изолират секого кој се служи со религијата со намери за војна, насилство и насилно прогонување, при тоа инструментализирајќи го светото Божје име и манипулирајќи со Него.
Денес христијаните, можеби дури и повеќе отколку во времето на првите маченици, на некои места се дискриминирани и прогонувани само затоа што ја исповедаат својата вера, додека за поголем број конфликти во различни делови на светот сѐ уште не се наоѓаат позитивни решенија, така што тие и понатаму причинуваат болка, уништување и принудна миграција на цели народи – рече Папата. Затоа – истакна – апсолутно неопходно е тие кои се одговорни за судбината на народите смело и без одложување да преземат иницијатива за нивните главни цели да бидат прекин на страданијата, изнаоѓање мир, заштита и прифаќање на оние кои се жртви на насилството и прогонувањето, како и за промовирање на правдата и одржливиот развој.
Потоа спомнувајќи ја 25-годишнината од независноста на Ерменија, која оваа година се слави, папата Фрањо рече дека тоа е добра можност за спомнување на постигнатите цели, како и за поставување на нови. Прославата на овој радосен јубилеј – според зборовите на Папата – ќе биде уште повеќе значајна доколку за сите Ерменци, во татковината и дијаспората, им биде посебен момент за (…) поттикнување на праведен и инклузивен граѓански и социјален развој на земјата. Станува збор за постојано надгледување да не се изостават моралните императиви на еднаква правда за сите, како и солидарноста со слабите и оние со помалку успеси – рече папата Фрањо цитирајќи зборови од свети Иван Павле II, кој ги изрекол заминувајќи си од Ерменија на крајот од својата посета на оваа земја во 2001 година.
Историјата на вашата земја оди паралелно со нејзиниот христијански идентитет, кој не треба да го попречува здравиот лаицизам на државата, туку треба да го бара и поддржува, зајакнувајќи го граѓанското учество на сите членови на општството, верската слобода и почитување на малцинствата – спомна Папата и додаде – Поврзаноста на сите Ерменци и поголемата посветеност за пронаоѓање на корисни начини како да се надминат тензиите со некои соседни земји ќе го олеснат остварувањето на тие важни цели.
Католичката Црква, иако во Ерменија е присутна со ограничен број луѓе, радосна е што може да даде свој придонес за развој на општеството, – рече Папата – особено во своето делување за најслабите и најсиромашните, на здрасвената и образовната, како и на каритативната област. Бог нека ја благослови и заштити Ерменија, земја просветлена со вера, со храброст на мачениците, и со надеж посилна од секоја болка – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/З.А.