Папата Фрањо: Светскиот ден на млади им помага на младите да сонуваат и да гледаат напред

Папата Фрањо: Светскиот ден на млади им помага на младите да сонуваат и да гледаат напред

Португалското радио Ренасенца на 2 мај 2023 година го објави предговорот на Папата за книгата на португалската новинарка Аура Мигел „Долго патување до Лисабон“ (Um Longo Caminho até Lisboa), која го раскажува патот на Светските денови на млади од почетокот, па се до следната средба во август во главниот град на Португалија.

„Сè уште ја имам пред очи и во срцето огромната маса млади луѓе кои ме пречекаа во јули во Рио де Жанеиро пред десет години. Тие патувања со папамобилот, од воената тврдина каде слета хеликоптерот до местото на средби и славења во Копакабана, ќе ми останат засекогаш во сеќавање: огромниот ентузијазам на момчињата кои фрлаа знамиња, капи, маици, кои ми понудија пијалок мате, кој го прегрнаа новиот Римски бискуп, кој дојде да ја исполни обврската што ја презеде неговиот претходник. Незаборавно искуство“. Ова го пишува папата Фрањо во предговорот на книгата.

Папата Фрањо потсетува дека првото апостолско патување во странство во неговиот понтификат, како и на понтификатот на Бенедикт XVI, се случи токму по повод Светскиот ден на млади: во Рио де Жанеиро, во неговиот случај, и во Келн, во случајот со папата Бенедикт XVI. И двајцата Папи, така да се каже, го следеа свети Иван Павле II., иницијаторот на настанот, кој „беше и останува моќно искуство“ за многу адолесценти и млади луѓе.

Според Папата, промената на епохите што повеќе или помалку свесно ги доживуваме е проблем, особено за помладата генерација. Децата на нашето време, таканаречените „дигитални домородци“, секојдневно се соочуваат со ризик од самоизолација, ризикуваат да живеат во виртуелна средина поголемиот дел од својот живот и на крајот да бидат жртви на агресивен пазар што создава лажни потреби. Пандемијата ги влоши овие ризици. Затоа патувањето и учеството на Светскиот ден на млади се многу драгоцени моменти во животот на секој млад човек – стои во предговорот на Светиот Отец.

Папата потсетува на неговиот повеќекратен апел до младите: да не бидат набљудувачи кои не интервенираат и не ги валкаат рацете, да не се кријат зад екраните на паметните телефони или компјутерите, да не бидат „младински софи“. Младоста е сон, таа е отвореност кон реалноста, откривање на она што има вистинска вредност во животот, борба за тие вредности, откривање на интензивни и вистински врски, посветеност кон другите, – пишува Папата.

„Денес, по страшното искуство на пандемијата, кое драматично не соочи со фактот дека ние не сме господари на нашите животи и нашата судбина и дека можеме да се спасиме само заедно, светот потона во вртлогот на војна и повторно вооружување“, пишува Папата во својот предговор. Трката во вооружување која изгледа незапирлива ризикува да не доведе до самоуништување. Војната што се води против измачената Украина, крвава војна во срцето на христијанска Европа, е само еден од многуте делови на оваа Трета светска војна, која за жал започна пред неколку години. Многу војни продолжуваат да се забораваат, многу конфликти, продолжуваат да се извршуваат со многу неопишливи насилства“.

„Какво прашање им поставува сето ова на младите? – пишува папата Фрањо. На што се повикани со нивната енергија, со нивните визии за иднината, со нивниот ентузијазам? Повикани се да кажат „се интересираме“, нè интересира што се случува во светот, страдањата на оние кои ги напуштаат своите домови и ризикуваат никогаш да не се вратат, судбината на многу врсници родени и израснати во бегалски кампови, животите на многу млади луѓе кои, за да избегаат од војни и прогони, па дури и само да се обидат да заработат за живот, се соочуваат со преминувањето на Средоземното Море и умираат, проголтани од бездната.

Ние сме заинтересирани за судбината на милиони луѓе, многу деца кои немаат вода, храна, медицинска нега, а владетелите како да се натпреваруваат кој ќе потроши повеќе за високотехнолошки оружја. Нас нè интересираат и ни се при срце оние кои страдаат во тишината на нашите градови и треба да бидат пречекани и слушнати. Нас нè интересира судбината на планетата на која живееме и која сме повикани да ја заштитиме за да им ја предадеме на оние што доаѓаат по нас. Ние сме заинтересирани и се грижиме за сè, дури и за дигиталната средина во која живееме и која сме предизвикани да ја промениме и да ја направиме похумана.

Светските денови на младите се противотров за анестезијата што ве тера да го претпочитате каучот пред рамнодушноста. Тие ангажираа, раздвижија и предизвикаа генерации жени и мажи. Се разбира, не е доволно да се има „силно“ искуство ако не се обработува, ако не најде плодна почва за поддршка и придружба. Светскиот ден на млади е благословен настан кој буди, го проширува хоризонтот, ги зајакнува стремежите на срцето, помага да се сонува, да се гледа подалеку. Тие се засадено семе кое може да даде добар плод. Затоа, денес ни требаат будни млади луѓе, желни да одговорат на Божјиот сон, да се интересираат за другите. Млади луѓе кои ја откриваат радоста и убавината на животот посветен на Христа во служба на другите, на најсиромашните, на страдалниците“.

„Сето ова поминуваше низ мислите додека ги прелистував страниците на оваа прекрасна книга напишана од Аура Мигел, новинарка од Радио Ренасенца која живееше како известувач за време на Светските денови на млади“, пишува Светиот Отец. Во својата книга, авторот ни ги враќа искуствата од нејзината лична средба со реалноста, со ситуациите, со луѓето, нејзиното изненадување, нејзиниот восхит. „Само оној кој дозволил да биде воодушевен и допрен, може да ги воодушеви и допре оние што слушаат и читаат.

На крајот, Папата им посакува на читателите на книгата да ја откријат убавината и богатството на искуството на Светските денови на млади, вклучително и оние што ќе се одржат во Лисабон во 2023 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот