Папата Фрањо: Новите светци се пример за посветеност на Бог и ближниот
Папата Фрањо на плоштадот свети Петар на 23 ноември, со околу 50 илјади верници служеше света Литургија за канонизација на шест нови светци: италијанците Џовани Антонио Фарина, Лудовика де Касорија, Никол да Лонгобардија, Амата Ронкани и двајца индиски светци Куријакос Елиас Хавареја од Светото Семејство и Еуфрасиј Елуватингала од Пресветото Срце.
Денешниот празник Христос Цар на сите созданија – рече Папата во проповедта – нè учи како Исус го остварува своето царство со близината и нежноста како пастирот Кој според пророкот Језекиил, бара, собира, води, ги превива ранетите и ги лекува болните овци… Сето тоа го исполнува Исус Христос, како вистински Пастир, а пастирите на Црквата не смеат од тој пример да се одделат – самите да не станат наемници. Божјиот народ има непогрешливо чувство за разликување на добрите пастири од наемниците, рече Папата.
Исус не е цар по примерот на земските цареви – продолжи. „За Него, да владееш не значи да заповедуваш, туку да го слушаш Отецот за да се исполни Неговиот план на љубовта и спасението.“ Евангелието понатаму нè учи што бара Исусовото царство од нас. Нè потсетува дека близината и кроткоста се мерилата според кои што ќе бидеме судени. Во параболата за последниот суд во Евангелието по Матеј, царот ги прима во блаженството оние кои искажувале милосрдие на ближниот, а на тој начин – на самиот Исус.
„Почетната точка на спасението не е исповедување на Исусовото царување, туку наследувањето на Неговите дела на милосрдие преку кои го воспоставил своето царство. Оној кој овие дела ги остварува, покажува дека го прима Христовото царување“ – рече папата Фрањо. Од искажаната љубов ќе зависи нашиот влез или исклучување од Божјото царство. Исус преку својата победа го отвори Царството, но наше е во него да влеземе. Влезот во царството да го започнеме со конкретни дела на љубов кон ближниот, а ако ближниот навистина го сакаме, тогаш со него ќе го поделиме „она што ни е најскапоцено, самиот Исус и неговото Евангелие.“
Папата понатаму истакна дека новите светци му служеле на Царството Божјо. „Одговориле со извонредна креативност на заповедта на љубовта кон Бог и ближниот. Се посветиле, без одложување, на најмалите и помагање на сиромашните, болните, старите и ходочасниците.“ Нивното давање предност на најмалите и најсиромашните е одраз на безусловната љубов Божја – рече Светиот Отец. Заради тоа во моментот на судот слушнале: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од печетокот на светот!“
Нека новите светци со своето сведоштво и застапувањето во нас ја зголемат радоста на евангелското одење и одлучноста Евангелието да го прифатиме за „компас на својот живот“. Да не дозволиме да нè одвлечат земските и минливите интереси – додаде Папата, доверувајќи го нашиот пат во Царството Божјо на застапувањето на Блажена Дева Марија, Мајка и Царица на сите светци.
На крајот на литургиското славење, папата Фрањо се заблагодари на сите кои дојдоа да ги чествуваат новите светци, особено италјанската и индиската делегација и изрази желба примерот на светците да помогне да се оживее духот на соработка и заедништво, како и мисионерскиот поттик и вдахновението за помирување и братски соживот. На крајот Папата ги поздрави сите собрани верници и пред благословот и отпустот ја предводеше молитвата Ангел Господов.
РВ/к.мк/Д.И.