Не плаши се да ја кажеш вистината за својот живот, не плаши се да станеш свесен за своите гревови, признавајќи му ги на Бог за да ти ги прости – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 28 септември 2017 година, во домот Света Марта.
Не плаши се да ја кажеш вистината за својот живот, не плаши се да станеш свесен за своите гревови, признавајќи му ги на Бог за да ти ги прости – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 28 септември 2017 година, во домот Света Марта, размислувајќи за делот од Евангелието според Лука, кој ни ја пренесува реакцијата на Ирод за Христовото проповедање.
Папата потсети дека некои го поврзувале Исус со Иван Крстител и Илија, а други пак го сметале за пророк. Ирод, пак не знаел што да мисли, но во внатрешноста нешто чувствувал. Тоа не било љубопитност, туку гризење на совеста во срцето: сакал да го види Исуса за да се смири. Сакал да ги види чудата Христови, но Исус одбил „да прави циркус пред него“. Ирод затоа го предал на Пилат, а Исус плати со смрт. Така Ирод на едното злосторство му додава друго, грижата на совеста ја прекрива со друго злосторство, како кога некој убива од страв – рече Светиот Отец.
Според тоа, грижата на совеста не е само „потсетување на нешто“, туку „отворена рана“. Тоа е рана која боли кога во животот сме направиле лоши работи – рече папата Фрањо. Но, тоа е сокриена рана, таа не се гледа, дури ниту самиот не ја гледам, бидејќи самиот сум се навикнал да ја носам и да ја згаснувам. Таа е тука и некои ја допираат, но раната останува внатре. И кога таа рана боли, чувствуваме каење. Не само што сум свесен дека сум направил нешто лошо, туку тоа го чувствувам: го чувствувам во срцето, во телото, во душата, во животот. И овде доаѓа до искушението да ја прекријам грижата на совеста за повеќе да не ја чувствувам – рече Светиот Отец. Но, милост е да чувствуваме дека совеста нè обвинува, дека нешто ни зборува. Од друга страна пак, Папата рече дека никој од нас не е светец, и склони сме да ги забележуваме туѓите гревови, а не своите.
Ние мораме, ако смеам така да кажам, да ја покрстиме „раната“ односно да ѝ дадеме име – објасни Светиот Отец. Но, како да го оствариме тоа? Првенствено со молитва – истакна Папата и продолжи: Господ ја слуша твојата молитва. Потоа преиспитај го својот живот. „Но, ако не гледам каде се наоѓа таа болка, од каде доаѓа, што треба да направам?“ Тогаш мора да замолиш некој да ти помогне да ја извлече раната надвор и потоа да ѝ даде име. Чувствувам грижа на совеста бидејќи го направив тоа и тоа, бидејќи направив нешто конкретно – рече папата Фрањо и истакна дека тоа е вистинска понизност пред Бог и дека тоа е неопходно за исцелување.
Ние мораме да ја учиме науката и мудроста на самообвинувањето – продолжи Папата. Се обвинувам самиот себе, чувствувам болка која ми предизвикува рана, правам сè за да дознаам од каде доаѓа тој симптом и потоа се обвинувам. Не плаши се од гризењето на совеста: таа е знак на спасение. Плаши се пак кога тоа го прекриваш, затајуваш, прекриваш, сокриваш… И така Господ нè исцелува – рече Светиот Отец и заврши со молитвата Господ да ни ја даде таа милост на храброст за да се обвинуваме за да напредуваме на патот на простувањето.
РВ/к.мк