Папата ненајавено ја посети заедницата „Зрно“
Во рамките на иницијативата „Петок на милосрдието“ одредена во Јубилејот на милосрдието, папата Фрањо попладне на 13 мај 2016 година ненајавено ја посети заедницата „Chicco“ („Зрно“) во Чампино во предградието на Рим.
Во рамките на иницијативата „Петок на милосрдието“ одредена во Јубилејот на милосрдието, папата Фрањо попладне на 13 мај 2016 година ненајавено ја посети заедницата „Chicco“ („Зрно“) во Чампино во предградието на Рим. Веста е објавена на официјалната страница на Јубилејот на милосрдието. „Зрно“ е заедница поврзана со големото семејство „Арка“ кое во 1964 година го основал Жан Вание. Станува збор за здружение кое е присутно во повеќе од 30 земји на пет континенти и кое заедно со здружението „Вера и светлина“ се посветува на најслабите и маргинализираните луѓе во општеството. Заедницата „Зрно“ е прва во Италија основана во 1981 година, а денес е дом на 18 луѓе со тешки ментални оштетувања.
Како во семејство, Папата за време на ужината со корисниците на таа институција седеше на масата и разговараше со нив, се сретна со нивните роднини и разговараше со волонтерите. Сите беа возбудени, но радоста беше уште поголема. Важни се тие средби и емоции затоа што не може некој да се лиши од љубовта, радоста и достоинството само затоа што има некое ментално оштетување. И токму тоа го истакна Папата: никој не смее да си дозволи да дискриминира некој врз основа на предрасуда која маргинализира и ги затвора во осаменост семејствата и здруженијата.
Затоа двата семејни дома кои се викаат „фоколари“ односно „Лозје“ и „Маслинови“ вчера беа уште порадосни затоа што на светот му го подарија живиот поглед на таа реалност и примија благослов и прегратка од Папата. Светиот Отец ги посети и корисниците со најтешки оштетувања и работилницата во која секојдневно прават мали предмети. На крајот во малата капела ја предводеше молитвата по која се поздрави, носејќи ја со себе радоста и топлината од заедницата „Зрно.“
Разговарајќи со новинарот од Радио Ватикан за радоста и силните емоции во текот на посетата на Папата, Марко Веронеси водач на заедницата „Чико“ меѓу останатото рече дека Светиот Отец се распрашувал за историјата на заедницата и за животот на секој корисник. Освен тоа ни раскажуваше за средбите со луѓето кои трпат и нè замоли по светот да ја пренесуваме нежноста, која ја живееме во нашата заедница, да ја шириме, даруваме и да ја испраќаме наоколу. А потоа нè поттикна и да молиме за него – рече Веронеси.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк