Папата: Бог никогаш нема да каже „не“ на срцето кое искрено го повикува

Папата: Бог никогаш нема да каже „не“ на срцето кое искрено го повикува

Секој може да го повика светото име на Господ кој е верна и милосрдна љубов, во било каква ситуација да се најде. Бог никогаш нема да каже „не“ на срцето кое искрено го повикува – истакна папат Фрањо за време на Генералната аудиенција во салата Павле VI, во Ватикан на 22 август 2018 година.

Папата: Бог никогаш нема да каже „не“ на срцето кое искрено го повикува

Да не живееме во лажен однос со Бог! – предупреди папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во салата Павле VI, во Ватикан на 22 август 2018 година, продолжувајќи со серијата катехези за Божјите заповеди. Во центарот на денешното размислување беше втората Божја заповед „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог“ (2 Мој 20, 7). Светиот Отец објасни дека со право ја читаме таа заповед како повик да не го навредуваме Божјото име и да не го користиме на непримерен начин, додавајќи дека тоа јасно знaчење нѐ подготвува за да ги продлабочиме тие скапоцени зборови.

Спознанието на Бог го менува животот

Името во Библијата е блиската вистина за работите, а посебно за личностите – нагласи Папата и продолжи: Името често го претставувало посланието. На пример Авраам во Книгата Битие (17, 5) и Симон Петар во евангелијата (Ив 1, 42) примаат ново име упатувајќи со тоа на промената на насоката во нивниот живот. Вистински да се познава Божјото име доведува до преобразба на сопствениот живот: од моментот во кој Мојсеј го спознава Божјото име, историјата се менува (2 Мој 3, 13-15) – рече Светиот Отец.

Папата Фрањо објасни потоа дека во еврејските обреди Божјото име се изговара единствено на Денот на помирувањето, односно на Јом кипур, кога на народот му се простуваат гревовите затоа што по пат на името се стапува во контакт со самиот живот на Бог кој е милосрдие.

За нас христијаните оваа заповед е повик да се присетиме дека сме крстени „во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,“ како што потврдуваме секој пат кога самите го правиме знакот на крстот за да ги живееме своите секојдневни дела во забележливо и вистинско заедништво со Бог, односно со неговата љубов – рече Папата повторувајќи го својот повик до родителите да ги научат своите деца да го прават знакот на крстот.

Лицемерие

Светиот Отец напомена дека можеме да си го поставиме следното прашање: дали е можно да се изусти Божјото име на лицемерен начин како да станува збор за формалност, за нешто испразно? Одговорот на Папата е потврден, предупредувајќи дека може да се живее лажен однос со Бог. Потсети потоа дека Исус тоа им го зборувал на закониците кои правеле работи, но не она што Бог го сакал. Зборувале за Бог, но не ја правеле Божјата волја. Советот кој Исус го дава гласи: „Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте.“ Може да се живее лажен однос со Бог како тие луѓе – рече папата Фрањо. Потоа објасни дека таа Божја заповед е повик на однос со Бог кој не е лажен, без лицемерие, однос во кој му се доверуваме Нему со сето што сме.

Папата рече дека тоа е христијанство, кое ги допира срцата, поставувајќи потоа прашање: зошто светците се толку способни да ги допираат срцата со срцето? Одговорот е дека се способни да го прават тоа затоа што во светиците го гледаме она што нашето срце длабоко го сака: автентичноста, вистинските односи, радикалноста. Папата Фрањо напомена дека тоа исто така се гледа во „светците од соседството“ а тие се на пример бројните родители кои на своите деца им даваат пример за доследен, едноставен, искрен и великодушен живот.

Христијанскиот живот го покажува Божјото име

Ако се множат христијаните кои нема залудно да го земаат Божјото име, вршејќи го првиот повик од молитвата Оче наш односно „да се свети името твое“, навестувањето на Црквата повеќе ќе се слуша и ќе стане поверодостојно – нагласи Светиот Отец и продолжи: Ако нашиот конретен живот го покажува Божјото име, се гледа колку е убаво крштението и колку голем дар е Евхаристијата, тоа возвишено единство помеѓу нашето тело и Телото Христово: Христос во нас и ние во Него!

Од Христовиот крст понатаму – продолжи Папата – никој повеќе не може да се омаловажува и да мисли лошо за сопственото постоење. Никој и никогаш! Било што да направил затоа што името на секој од нас е на Христовиот грб. Тој нѐ носи! Целото наше постоење го преземал на себе и она зло кое е во нас, за да го запали нашето срце со огнот на својата љубов.

Секој може да го повикува светото име на Господ Кој е верна и милосрдна љубов, во било каква ситуација да се нашол. Бог никогаш нема да каже „не“ на срцето кое искрено го повикува – рече Светиот Отец и на крајот го повтори својот повик: Да се вратиме на домашната задача: да ги подучуваме децата за да знаат добро да го прават знакот на крстот.

Блажена Дева Марија Царица

Папата Фрањо после катехезата потсети дека денес си спомнуваме на Блажена Дева Марија Царица. Нека Мајка Божја биде вашето прибежиште во најтешките моменти и нека ве подучи да го љубите нејзиниот Син со истата онаа нежност и ексклузивност со која таа го љубела – истакна Светиот Отец и потоа потсети дека за викендот ќе отпатува за Ирска по повод Светската средба на семејствата, повикувајќи ги верниците да се молат за таа апостолска посета да биде време на благодати и слушање на гласот на христијанските семејства од целиот свет.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот