Примајќи ја големата група унгарски ходочесници, папата Фрањо го спомна Апостолското патување во нивната земја, на кое беше пред околу една година. Упати силен апел да бидат мажи и жени на мир по примерот на светците: „Ви благодарам што имате отворено срце за украинските бегалци“.
Во четврток, на 25 април 2024 година, папата Фрањо ги прими унгарските ходочесници предводени од унгарскиот примат кардинал Петер Ердо, претседателот на унгарската бискупска конференција Андраш Вереш и новиот унгарски претседател Тамаш Суљок.
По воведниот поздрав, потсети дека ходочестието се одржува една година по неговото Апостолско патување во Унгарија, кое, како што рече, го носи со голема благодарност во срцето. „Затоа денес со задоволство се сеќавам на тоа, потсетувајќи се дека дојдов меѓу вас како ходочесник, како брат и како пријател“, рече Папата.
Порача дека во Будимпешта бил ходочесник за да се моли со нив. Во молитвата секогаш е можно да се најде сила и решителност да се следи, дури и во сегашниот историски контекст, примерот на светците и блажените родени во вашиот народ.
Светиот Отец рече дека Воскреснатиот Исус им дарува мир на своите ученици. „Да не заборавиме, браќа и сестри, дека остварувањето на овој голем дар започнува во срцето на секој од нас; почнува на вратата од мојата куќа кога, пред да излезам, одлучувам дали сакам да го живеам тој ден како маж или жена на мир, односно да живеам во мир со другите. Мирот се раѓа кога ќе решам да простам, макар и да е тешко, а тоа го исполнува срцето со радост“, истакна Петровиот наследник.
Папата им кажа на насобраните ходочесниците дека меѓу нив сакаше да дојде како брат. Ве охрабрив да го прифатите „Божјиот стил“ на нежност, близина и сочувство како став и начин на живот. Не заборавајте го ова: Божјиот стил е нежност, близина и сочувство.
Притоа, тој се присети на блажените Вилмос Апор, Золтан Меслењи, Јанос Бренер и Сара Салкахази, нарекувајќи ги примери од времето на прогонството. „Овие примери нека ве охрабрат да ги имате истите ставови кон оние на кои им е доверена вашата грижа“, додаде Светиот Отец.
На присутните им порача и дека сака да им биде пријател и дека со голема радост се сеќава на средбата со младите. „Сè уште сакам да ве охрабрувам да одите во дијалог со генерациите што претходеа на вас, да разговарате со вашите баби и дедовци, со постарите од вашиот народ; да ги барате корените, бидејќи така ќе поставите цврсти темели за иднината. Со зачувување на вашите корени, ќе можете да гледате напред со самодоверба, зацврстувајќи се во вредностите кои даваат живот: семејство, единство, мир“, нагласи тој.
Папата посебно ги спомена бегалците, сиромашните и маргинализираните и им се заблагодари на ходочесниците за отворените срца за луѓето во потреба, како и за нивната близина и љубов. „Да одиме заедно по Господовиот пат како „воскресни“ мажи и жени и да го препознаеме во кршењето леб, на евхаристиската трпеза и на трпезата на гладните; во неговото Слово и во средбата со другите“, ги охрабри присутните и ги замоли да продолжат да се молат за него.
Ватикан њуз/к.мк