Папата до семејствата: Црквата е со вас, Црквата е во вас!

Папата до семејствата: Црквата е со вас, Црквата е во вас!

Привршува 10. Светска средба на семејствата во саботата доцна попладне, 25 јуни 2022 година, на плоштадот Свети Петар со света Литургија, која ја служеше префектот на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, кардинал Кевин Фарел, во присуство на Светиот Отец. Папата Фрањо во својата проповед истакна дека семејството е првото место каде што учиме да љубиме.

Литургиски читања провидносно ни зборуваат за повикот, кој е тема на 10. Светска средба на семејствата: „Семејна љубов: повикот и патот на светоста“, забележа во својата проповед папата Фрањо. Време е за благодарност, со благодарност ги носиме пред Бога сите плодови што Светиот Дух ги посеал во вас, рече тој, додавајќи дека некои на средбата, во моменти на размислување и споделување, учествувале во Ватикан, додека други учествувале од нивните епархии, правејќи така едно широко распространета „констелација“.

Духот на прифаќање и служење

Осврнувајќи се на литургиските читања, Папата истакна дека свети Павле во читањата (Галатјаните 5,1.13-18) нагласува дека слободата што ни ја дава Бог е целосно насочена кон љубовта, за да можеме да си служиме еден на друг со љубов (сп. Галатјаните 5,13).

„Сите брачни парови, во градењето на вашето семејство, со помош на Христовата милост, донесовте храбра одлука: да ја искористите својата слобода не за себе, туку за љубовта кон луѓето што Бог ги поставил до вас. Наместо да живеете како „острови“, „служете си еден на друг“. Така се постигнува слободата во семејството“.

Семејството е првото место каде што учиме да љубиме, потсети Папата. Но, и покрај тоа што го потврдуваме ова длабоко убедување, исто така многу добро знаеме дека тоа не е секогаш така, поради повеќе причини и различни ситуации. И така, фалејќи ја убавината на семејството и ние чувствуваме обврска, денес повеќе од кога било, да го браниме семејството, рече Папата и додаде: Да не дозволиме семејството да се труе од отровите на себичноста, индивидуализмот, денешната култура на рамнодушност и култура на отфрлање и како резултат на тоа да ја изгуби својата ДНК, а тоа е духот на прифаќање и служење.

Бог не е вознемирен и претерано заштитнички насторен

Првото литургиско четиво зборува за пророкот Илија и Елисеј, што потсетува на односот меѓу генерациите, за „предавањето на сведоштвото“ од родителите на децата.

Во свет во кој сè изгледа хаотично и несигурно, некои родители стравуваат дека децата нема да можат да се справат со сложеноста и конфузијата на нашите општества, истакна Папата. Тој страв, додаде тој, некои родители ги прави вознемирени, а други премногу заштитнички. На крајот, тоа понекогаш ја поткопува желбата да се донесат нови животи во светот, рече Папата.

Но, гледајќи го односот на овие два библиски лика, каде што Бог покажува дека има доверба во новата генерација, Папата рече: Многу е важно родителите да размислуваат за Божјиот начин на дејствување! Бог ги сака младите, но тоа не значи дека ги штити од секој ризик, од секој предизвик и од секое страдање.

Бог не е вознемирен и претерано заштитнички насторен (…) Напротив, тој им верува на младите и ги повикува секој од нив да се искачи на височините на животот и посланието. Да помислиме на малиот Саул, адолесцентот Давид или младиот Еремија; пред сè, да помислиме на онаа девојка од шеснаесет, седумнаесет години која го зачна Исуса, Дева Марија“.

Драги родители, продолжи Папата, Словото Божјо ни го покажува патот: Не штитете ги своите деца од најмала неволја и страдање, туку да се обидеме да им пренесеме страст за живот, да разбудиме во нив желба да го откријат својот повик и да го прифатат големото послание што Бог ја има на ум за нив.

Ако им помогнете на вашите деца да го откријат и прифатат својот повик, им порача Папата на родителите, ќе видите дека и тие ќе бидат „зафатени“ од ова послание; и ќе ја најдат потребната сила да се соочат и да ги надминат животните тешкотии.

Бракот и семејниот живот како послание

На крајот, евангелскиот дел говори за заминувањето на Исус во Ерусалим и посочува дека следењето на Исус значи тргнување на бескрајно „патување“ со него низ настаните во животот.

Колку е тоа точно за вас брачните парови, рече Папата. Со прифаќањето на повикот за брак и семејство, и вие го напуштате „гнездото“ и тргнавте на патување без однапред да знаете каде точно ќе ве одведе и какви нови ситуации, неочекувани настани и изненадувања на крајот би ве очекувале. Тоа е она што значи да се патува со Господ, истакна тој, додавајќи дека секој Исусов ученик го наоѓа својот одмор во вршењето на Божјата волја секој ден, каде и да води таа.

Папата истакна дека христијанскиот повик повикува да се живее бракот и семејниот живот како послание, покажувајќи верност и трпение и покрај тешкотиите, моментите на тага и искушенија.

Во човечките срца несомнено ќе се родат моменти на отпор, отфрлање и недоразбирање, но со Христовата благодат сме повикани да ги преобразиме со прифаќање на другите и бесплатна љубов, истакна Светиот Отец.

Црквата е родена од семејство

Папата на крајот ги поттикна да тргнат по патот на семејната љубов со обновено уверување, споделувајќи ја со сите членови на нивните семејства радоста на повикот.

Црквата е со вас; навистина, Црквата е во вас! Затоа што Црквата е родена од семејство, Светото семејство од Назарет, и таа е составена претежно од семејства. Нека Господ ви помага секој ден да истраете во единство, мир и радост и на сите што ќе ги сретнете да им покажете дека Бог е љубов и заедништво на животот.

Следната Светска средба на семејства ќе се одржи во 2028 година

На крајот од евхаристиското славење присутните ги поздрави кардиналот Кевин Фарел, префект на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, кој најави дека следната средба на семејствата со папата Фрањо ќе биде на т.н. „Јубилеј на семејството“ кој ќе се одбележи во Рим како дел од јубилејот во 2025 година. 11. Светска средба на семејствата ќе се одржи во 2028 година.

По зборовите на префектот, Папата го прочита текстот на мисионерскиот мандат на семејствата предадени на оние кои учествуваа на теолошко-пасторалниот конгрес одржан во Ватикан во име на семејствата на светот, како и на сите присутни на светата Литургија. Повикот е да им се донесе на сите радосното навестување на Евангелието со посебно внимание на најкревките, носејќи надеж на оние кои ја немаат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот