Тренерите да воспитуваат за вистинските вредности на спортот

Воспитувајте ги младите за вистинските вредности на спортот, а не за прекумерната конкурентност и агресивност – истакна Папата во пораката до учесниците на Меѓународниот семинар на тема „Тренери: воспитувачи на луѓето“, кој во Рим го организира Одделот за Црква и спорт при Папскиот совет за лаици.

Присуството на добар тренер – воспитувач е провидност – според зборовите на Папата – најмногу во годините на адолесценција и раната младост кога личноста е во полн развој и е во потрага по модел како упортиште и идентификација; кога постои поголема опасност од застранување заради лошите примери и во потрагата по лажна среќа. Во тој чувствителен период од животот голема е одговорноста на тренерите кои често имаат привилегија повеќе часови неделно да поминуваат со младите и силно да влијаат на нив со своето однесување и со својата личност. Влијанието на воспитувачите посебно кај младите зависи од тоа каков е тој како личност, како живее и што зборува – истакна папата Фрањо.

Затоа е многу важно тренерот да биде пример за интергритет, доследност, исправен суд, непристрасност, но и за радоста на животот, трпението, способноста за почитување и добронамерноста кон сите, а посебно кон најслабите – рече Светиот Отец. Исто така многу важно е – додаде – да биде пример и за верата, бидејќи верата ни помага да го подигнеме погледот кон Бог, за да не ја апсолутизираме ниту една активност вклучувајќи ги и оние спортските, без оглед дали е аматерска или натпреварувачка.

Освен тоа, верата ни го дава погледот на добрина кон другите, а тоа ни помага да го надминеме искушението на прекумерна конкуретност и агресивност; ни помага да го разбереме достоинството на секој човек па и на оние помалку надарените и послабите – напомена Папата и рече дека тренерот може да даде скапоцен придонес за воспоставување на атмосфера на солидарност и вклучување на маргинализираните млади и оние кои се во опасноста на општествено застранување. Освен тоа, ако е човечки и духовно урамнотежен, тренерот исто така ќе знае да ги сочува вистинските вредности на спортот и неговата основна природа на играта и активностите кои ја поддржуваат социјализацијата и ќе спречи тој да се изопачи под притисокот на бројните интереси, најмногу економските кои денес се повеќе се наметнуваат – истакна папата Фрањо.

Како секој добар воспитувач и тренерот теба да прими основна формација – рече потоа Папата. Затоа треба да се вложат потребните средства за професионална, човечка и духовна формација на тренерот. Колку би било убаво кога во сите спортови и на сите нивоа од големите меѓународни натпреварувања па до турнирите во парохиските оратории, младите во сите тренери да пронајдат вистински сведоци на животот и проживеана вера! – истакна папата Фрањо на крајот од пораката.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот