Папата Фрањо пристигна во Монголија

Папата Фрањо пристигна во Монголија

Во петок 1 септември 2023 година во 9.51 часот (по локално време) 86-годишниот поглавар на Католичката црква како што беше предвидено слета во петокот на аеродромот Џингис Кан во главниот град на Монголија Улан Батор. За време на летот папата Фрањо им рече на новинарите кои патуваа со него дека е важно со сетилата да се разбере големата тишина на Монголија. Ова е 43-то Апостолско патување на папата Фрањо и воедно е првиот Папа кој ја посети Монголија.

На аеродромот, папата Фрањо беше пречекан во авионот во согласност со протоколот, пред да се спушти со лифтот во количка. На монголско тло, прв го прими министерот за надворешни работи на земјата, Батмунх Батцецег. За поглаварот на Католичката црква имаше и традиционален јогурт, кој папата Фрањо го проба.

Следуваа вообичаените почести и поздрави. Потоа, монголскиот министер за надворешни работи и Папата отидоа во ВИП зоната на аеродромот на кратка лична средба. По завршување на средбата, папата Фрањо околу 10.45 часот (по локално време) замина директно во нунцијатурата за да се одмори од десетчасовниот лет. Официјалната програма на првиот ден од патувањето заврши во петокот по пристигнувањето и церемонијата на свечен прием на аеродромот.

Првиот говор на Папата е во сабота

Во сабота, 2 септември, ќе се одржи официјалната церемонија за пречек и вообичаената куртоазна посета на понтифот на претседателот Ухнагиин Чурелзих во државната палата. Првиот говор Папата ќе го одржи во сабота на средба со дипломати и други претставници од политиката и општеството (04.10 часот по римско време). Папата потоа ќе се сретне со претседателот на Големиот државен Курал, Гомбојав Занданшатар, а потоа и со монголскиот премиер Лувсаннамсраи Ојун-Ерден.

По ручекот, последната точка на програмата во сабота во 15.45 часот по локално време (9.50 часот по римско време) е средба на Папата со бискупите, свештениците, мисионерите, лицата со посветениот живот во Католичката катедрала Петар и Павле во главниот град. Таму Папата ќе го одржи својот втор говор.

Недела: Меѓурелигиска средба и света Литургија

Папата сака да го негува дијалогот што локалното католичко малцинство го води со другите религии со меѓурелигиска средба на 3 септември (3.50 часот по римско време). Папата таму ќе го одржи својот трет говор на ова Апостолско патување. Потоа ќе служи света Литургија во 16.00 часот по локално време (10.00 часот по римско време).

Понеделник: Отворање на социјален центар и враќање назад

На последниот ден од посетата, папата Фрањо планира да отвори католички социјален центар. Откако таму ќе го одржи својот петти и последен говор, потоа ќе се упати кон аеродромот. По прошталната церемонија, летот за враќање во Рим е предвиден околу пладне по локално време. Папата се очекува да се врати во Рим во 17.20 часот по локално време.

Летни патувања

Посетата на Монголија е едно од вкупно трите Папски патувања во рок од два месеци: на почетокот на август, Светиот Отец учествуваше на Светскиот ден на млади во Лисабон. На крајот на септември, 86-годишникот ќе патува во јужниот француски пристанишен град Марсеј на два дена. Откако стана Папа во 2013 година, вклучувајќи ги Италија и Монголија, Папата посети 63 земји ширум светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот