Папата: Верата секогаш победува

Верата секогаш победува затоа што дури и поразите ги претвора во победа. Но, тоа не е нешто „магично“ туку се работи за личен однос со Бог, кој не се учи од книга. Тоа е Божји дар за кој треба да молиме – е резимето од проповедта на Папата на светатата Литургија на 14 јануари во домот Света Марта.

Денешното читање од Прва книга царства зборува за поразот на Израилот од рацете на Фелистејците. Тоа било „голем колеж“, народот изгубил сè вклучувајќи го и достоинството. Што довело до тој пораз? На тоа прашање папата Фрањо одговори вака: Народот малку по малку се одделил од Господ, живеел световно, почитувајќи идоли. Оделе во светилиштето Силом, но само како „културен обичај“, го изгубиле синовскиот однос со Бог, не Му се поклонувале. И Господ ги оставил сами.

На крајот народот го користи Ковчегот на заветот за да би победил во бојот, како да се работи за „малку магична работа“. Во Ковчегот бил Законот – оној Закон кој не го следеле и од кој се разделиле – рече Папата. Повеќе немало „личен однос со Господ“; заборавиле на Бог Кој ги спасил. И биле поразени: 30 илјади Израелци биле убиени, Ковчегот на заветот паѓа во рацете на Фелистејците, а двајцата синови на Илиј – тие расипани свештеници кои го експлоатирале народот во светилиштето Силом – биле убиени.

Се работело за „целосен пораз“. Народот кој се одделува од Бог така завршува – рече Папата. Има светилиште, но срцето не му е со Бог, не се поклонува на Бог. Верува во Бог , но во Бог кој помалку е маглив, далечен, кој не влегува во срцето и чии заповеди не ги следи. Тоа е пораз – нагласи Светиот Отец. Денешното Евангелие ни зборува за победа: Лепрозниот доаѓа кај Исус клекнува пред Него и Го замолува: Ако сакаш можеш да ме очистиш.

Тој лепрозен на Господ му зборува: „Јас сум пораз“ затоа што не можел да живее во заедницата, секогаш бил исфрлуван, одвоен. Меѓутоа Исус вели: „Ти можеш да го преобразиш тој пораз во победа.“ Пред тоа Господ се смилува и го очистува од лепрата. Така едноставно таа битка завршила за две минути со победа. А таа од првото читање трела цел ден, а завршила со пораз. Меѓутоа – рече Папата – очистениот лепрозен имал нешто што го поттикнало да оди кај Исус – имал вера. Апостол Иван вели дека нашата победа над светот е нашата вера. Таа секогаш победува.

Поразените Израелци од првото читање Го молеле Бог, го носеле Ковчегот, но немале вера, заборавиле на неа. Лепрозниот пак имал вера. Самиот Исус ни кажа дека со вера се преместуваат планини. Исто така кажал: Што ќе побарате од Отецот во мое Име, ќе ви се даде. Молете и ќе ви се даде; тропајте и ќе ви се отвори. Но, со вера. Таа е нашата победа – нагласи Светиот Отец. Хомилијата ја заврши со молба нашите молитви секогаш да бидат вкоренети во верата и да се раѓаат од верата во Господ. Милоста на верата не се учи од книга, туку е дар кој Господ го дава, но треба да се бара: „Дарувај ми вера!“ Таа е нашата победа: нашата вера – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот