Од проповедта на папата Фрањо: Кој сме ние да му затвораме врата на Светиот Дух

Кој сме ние да му затвораме врата на Светиот Дух? прашање кое Светиот Отец повеќе пати го повтори во проповедта на светата Литургија на 12 мај во капелата на домот Света Марта. Светиот Дух ја води и поттикнува Црквата да ја пречекори границата, да оди напред – рече папата Фрањо.

Духот дува каде што сака, но најчесто искушение е верниците да му попречат на патот; насочувајќи го во една наместо во друга насока. Тоа искушение било присутно и во Првата Црква, што го потврдува искуството на Симон Петар опишано во денешното читање од Делата на светите Апостоли. Заедницата на погани го прифаќа Евангелието, а Петар е очевидец дека над нив слегнал Светиот Дух, додека претходно се двоумел дали да стапи во допир со оние кои од секогаш ги смета за „нечисти“, а потоа поднел остри критики од ерусалимските христијани кои се соблазниле, бидејќи нивниот поглавар јадеше со необрезани, дури и ги крстил. Тоа било момент на внатрешна криза на која Папата иронично потсети.

Тоа било незамисливо. А кога утре на пример би се појавила делегација на Марсовци и еден од нив посака да биде христијанин, што би се случило? – праша Папата. Петар ја сфаќа грешката преку видението кое му ја осветлило темелната вистина: тоа што Бог го очистил, никој не може да го нарече нечисто. Проповедајќи го тоа видение на мноштвото кое го критикува, апостолот сите ги смирува со тврдењето: Ако Бог им го дал истиот дар како и на нас – да веруваат во Господ Исус Христос – кој сум јас да му се спротивставам на Бог?

Кога Господ ќе ни го покаже патот, кој сме ние да му кажеме: „Не, Господи, не е разумно! Нема така да правиме“… А Петар во првата епархија – Антиохија – била првата епархија – одлучува: Кој сум јас да ставам бариери? Овој е многу убав збор за епископите, свештениците и христијаните. Кој сум јас да затворам врата? Во античката Црква, дури и денес, има убава служба црковен вратар. А што работел вратарот? Ја отворал вратата, ги примал луѓето, ги воведувал во Црквата. Во Црквата никогаш немало службеници, кои ја затворале вратата, никогаш – истакна папата Фрањо.

Бог денес – повтори Папата – во рацете на Светиот Дух го стави водството на Црквата. Светиот Дух е тој кој нѐ – како што вели Исус –поучува во сѐ и ќе направи да се потсетуваме на она што Исус нѐ учи. Он е жива Божја присутност во Црквата. Он ја води и поттикнува Црквата да оди напред, да оди преку границата. Светиот Дух со своите дарови ја води Црквата; Исусовата Црква не може да се сфати без овој Утешител, кој Бог ни го дава за да ги прави овие незамисливи избори – кажа Папата.

Свети Иван XXIII зборувал дека Светиот Дух ја осовременува Црквата: навистина ја просветлува и води напред. Ние христијаните од Бог треба да бараме милост за послушност на Светиот Дух. Послушност на Духот кој ни зборува во срцето, во животните околности, во животот на Црквата и во христијанските заедници; ни зборува секогаш – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот