На враќањето од Светата Земја папата Фрањо во авионот разговараше со новинарите

Со Света Литургија во салата на Последната вечера на 26 мај заврши апостолското патувањетна Папата во Светата Земја. Тоа беше едно интензивно тридневно поклонение, преполно со значења и чувства. И покрај напорот, Светиот Отец на враќањето во Рим, во авионот, се задржа на околу 50 минутен разговор со новинарите на актуелни теми.

Папата Фрањо едноставно и директно одговараше на прашањата кои опфаќаа различни подрачја, почнувајќи од неговата покана до претседателите Перез и Абас да дојдат во Ватикан за да молат за мир. Тоа нема да биде некаков вид на посредство, туку момент на молитва. Му се молам многу на Бога за тие двајца водачи, тие две власти, да имаат храброст да одат напред. Тоа е единствен пат што води кон мирот, истакна Папата.

За Ерусалим се осврна од религиозна гледна точка, како на град на мирот на трите религии. Со патријархот Вартоломеј разговаравме за единство; но, единството се живее по патот, одејќи. Не можеме никако да создадеме единство на некој теолошки конгрес, истакна Папата и потсети на зборовите на патријархот Атенагора упатени до Павле VI: „Да одиме заедно, смирени, а сите теолози да ги ставиме на еден остров, за меѓусебно да разговараат!“. Значи, се работи за тоа да одиме заедно, да се молиме заедно, да работиме заедно и взаемно да си помагаме.

Што се однесува, пак, на односот со патријархот Вартоломеј, Светиот Отец рече дека меѓусебно разговараат како браќа. Се сакаме, разговараме за потешкотиите во управувањето. Зборувавме многу за екологијата – истакна Папата и додаде – Тој е многу загрижен, а и јас сум. Разговаравме за тоа да се завземеме заеднички за тој проблем.

На прашањето за злоупотребата на децата од страна на свештениците, Папата одговори дека тоа е еднакво на предавство на Телото Господово, тоа е исто како црна миса; затоа во истрагите ќе нема привилегирани. Потоа најави и една средба. Во Света Марта ќе биде служена Литургија во присуство на шест или осум жртви на злоупотреба, а потоа ќе следи и средба со нив, тие и јас заедно…, рече Папата и истакна дека што се однесува до тој проблем, ќе оди докрај и ќе нема толеранција за никого.

Говорејќи за реформите на Куријата, нагласи дека работата напредува добро, а се работи за да се дојде до растеретување на целата структура, на пример, обединувајќи ги дикастериите. Еден од клучните проблеми беше оној економскиот, во врска со кој во јули и во септември повторно ќе се разговара на посебни состаноци. Што се однесува до скандалите, Папата потсети на тоа како Исус рече дека тие се неизбежни. Луѓе сме, и сите сме грешници; затоа и ќе има скандали; проблемот е, според Папата, да се избегнуваат за да ги има што помалку.

Во економското управување потребна е чесност и транспарентност, рече Папата и ги спомна зборовите на црковните оци: „Ecclesia semper reformanda“, додавајќи дека треба да бидеме внимателни на секојдневната обнова на Црквата, бидејќи сите сме грешници, сите сме слаби. Осврнувајќи се на Ватиканската Банка (ИОР), Папата истакна дека се затворени повеќе стотина сметки на луѓе што немаат право на тоа. ИОР постои заради помош на Црквата, истакна Папата.

Говорејќи за Синодата посветена на семејството, Папата изрази жалење поради тоа што некои, па и луѓе внатре во Црквата, сведуваат сѐ на случајност за давањето на причест, или НЕ за разведените кои повторно стапуваат во брак. Како што веќе истакна Бенедикт XVI, треба да се проучат постапките за поништување и да се објасни дека разведените не се екскомуницирани, бидејќи често односот кон нив е како да се екскомуницирани.

Свештеничкиот целибат е животно правило кое Папата го цени; тоа е дар за Црквата, но, како што кажа, не е догма, па затоа вратите се секогаш отворени, па и поради тоа што во источните обреди веќе постојат свештеници што се оженети.

Светиот Отец потоа говореше за своите следни патувања во Азија, односно во Јужна Кореја во август, а потоа и во Шри Ланка и Филипините, што е предвидено за јануари 2015 година. Зборуваше за прогонетите христијани и рече дека во наше време има повеќе маченици отколку на почетоците на Црквата. А за сегашниот економски систем, Папата рече дека убива и отфрла,  бидејќи парите се тие што владеат.

На прашањето за евентуалното одрекнување од папството, папата Фрањо кажа дека ќе го направи тоа што Господ ќе му рече да прави. Ќе молам и ќе настојувам да ја вршам волјата Божја. Бенедикт XVI немаше повеќе сили, па така, како човек на верата и така понизен ја донесе таа одлука, рече Папата и потсети дека пред 70 години немало ни епископи во пензија. Во Бенедикт XVI треба да гледаме една институција; тој ја отвори вратата на пензионирани папи. Вратите се отворени, а дали ќе има други или не, само Бог знае. Мислам дека ако римскиот епископ почуствува дека му слабеат силите, треба да си ги постави истите прашања кои си ги постави и Бенедикт XVI, истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот