Папата потсети на хуманитарната криза во Тиграј, Етиопија

Папата потсети на хуманитарната криза во Тиграј, Етиопија

Во недела 13 јуни 2021 година после пладневната молитва Ангел Господов, папата Фрањо посебно потсети на хуманитарната криза во Тиграј, Етиопија и охрабри укинување на малолетничката работа, која тој ја нарече ропство на нашето време.

Особено сум близок со населението во покраината Тиграј, во Етиопија, која е погодена од голема хуманитарна криза, која може да ги изложи најсиромашните на беда – истакна папата Франциско по пладневната молитва и истакна: Денес таму владее глад. Заедно да молиме веднаш да престане насилството, да се обезбеди храна и здравствена заштита за сите и што е можно побрзо да се воспостави општествена хармонија. Се заблагодарувам на сите што работат на ублажување на страдањата на овие луѓе. Да ја молиме Марија за таа накана.

Вчера го одбележавме Светскиот ден за борба против детската работа – рече Папата и предупреди: Не е можно да ги затвориме очите пред експлоатацијата на децата лишени од правото на игра, учење и нивните соништа. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, денес има повеќе од 150 милиони деца во светот кои се експлоатирани со работата и тоа е трагедија! Сто и педесет милиони, тоа е помалку или повеќе како сите жители на Шпанија, Франција и Италија. Ова се случува денес! Многу деца се експлоатирани во малолетничка работа. Сите заедно да ги обновиме нашите напори за да го отстраниме тоа ропство на нашето време.

Денес попладне во Августа, Сицилија, ќе се одржи церемонија за пречек на остатоците од бродот кој потона на 18 април 2015 година – рече Светиот Отец и поттикна: Нека овој симбол на многу трагедии во Медитеранот продолжи да ја преиспитува совеста на сите луѓе и нека поттикне похуман напредок и посолидарно човештво и ќе го сруши ѕидот на рамнодушноста. Да размислме, Средоземното море стана најголемите гробишта во Европа.

Утре е Светски ден на крводарителите – потсети потоа Папата. Им благодарам на волонтерите од срце и ги охрабрувам да продолжат со своето дело, сведочејќи за вредностите на великодушноста и бесплатноста. Срдечно ги поздравувам сите верници и поклоници од Италија и другите земји – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот