Генерална аудиенција: Секој момент е можност за разговор со Бог

Генерална аудиенција: Секој момент е можност за разговор со Бог

Секојдневната молитва беше тема на катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 10 февруари 2021 година, која се одржа во библиотеката на Апостолската палата. Нема моменти што се посоодветни за разговор со Бога, истакна Папата, секој момент, сè станува можност да разговараме со Него. Молитвата ни помага да ги сакаме другите. И не треба да размислуваме за минатото или иднината, туку треба да се фокусираме на денес, на привилегираното место за средба со Бога. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во претходната катехеза видовме како христијанската молитва е „закотвена“ во Литургијата. Денес ќе покажеме како Литургијата секогаш одново се враќа во секојдневниот живот: на улица, во канцеларии, во јавниот превоз… И таму продолжува дијалогот со Бог: оној што се моли е како вљубен човек кој секогаш ја носи сакана личност во неговото срце, каде и да се наоѓа.

Имено, сè се внесува во тој дијалог со Бога: секоја радост станува причина за пофалба, секое искушение е можност да се побара помош. Молитвата секогаш е жива во животот, како жар, дури и кога не зборува устата, туку срцето. Секоја мисла, иако навидум „профана“, може да биде исполнета со молитва. И во човечкиот интелект има еден молитвен вид; тоа имено е прозорец кој гледа во таинството: ги осветлува оние малку чекори пред нас, а потоа се отвора за целата реалност, кон таа реалност која му претходи и ја надминува. Ова таинство не предизвикува во нас немир или вознемиреност, не: Познавањето на Христос ни дава вера и таму каде нашите телесни  очи и очите на нашиот дух не можат да видат, не значи дека не постои, туку тоа е бескрајната благодат. Христијанската благодат влева во човечкото срце непобедлива надеж: што и да искусите во својот животен пат, Божјата љубов сето тоа може да го сврти на добро.

Во врска со тоа во Катехизмот се вели: Во одредени моменти учиме да молиме слушајќи го Словото Божјо и учествувајќи во неговото пасхално таинство; но во секое време, во прилики и неприлики од секој ден, ни се да дава неговиот Дух за да ни вдахнови молитва. […] времето е во рацете на Отецот; го сретнуваме во сегашниот час, не вчера, ниту утре, туку денес (бр. 2659). Денес го сретнуваме Бог, средбата секогаш е денес.

Нема друг прекрасен ден освен овој кој го живееме денес. Живеејќи луѓето постојано мислат за иднината: „О, утре ќе биде подобро … “, но не ја прифаќаат сегашноста каква што доаѓа, тоа се луѓе кои живеат во фантазијата, не умеат да ја прифатат таа конкретност на реалноста. А таа денешница е реална, таа е конкретно денес. И молитвата се случува во денешниот ден. Исус доаѓа да нѐ сретне денес, во овој ден кој го живееме денес. Молитвата е таа која тоа денес го претвора во благодат, или поточно, нѐ преобразува нас самите: таа го скротува гневот, ја помага љубовта, ја умножува радоста, дава сила за простување.

Во некои момент ни изгледа дека не сме ние тие кои живееме, туку благодатта живее и дејствува во нас преку молитва. Па и кога ќе нè обзема лутина, незадоволство, кои нè водат во огорченост, да застанеме и да му кажеме на Господ: „Каде си? И каде одам?” А Господ е таму, Господ ќе ни го даде вистинскиот збор, совет за тоа како да се оди напред без тој горчлив вкус на негативност. Затоа што молитвата секогаш – да употребам световен израз – е позитивна. Секогаш. Те носи напред. Секој ден кој започнува, ако е прифатен во молитвата, е придружуван со храброст, така што проблемите со кои треба да се справиме повеќе не се препреки за нашата среќа, туку повици кон Бога, можност за наша средба со него. А кога некој на неговиот пат го придружува Господ, тој се чувствува похрабро, послободно, па и посреќно.

Да се молиме, значи, секогаш за сите и за секого, дури и за непријателите. Исус нè советува: „Молете се за вашите непријатели“. Да молиме за нашите сакани, но исто така и за оние кои не ги познаваме; да молиме дури и за нашите непријатели, како што реков, како што Светото Писмо честопати нè повикува да правиме. Молитвата го прави срцето да биде подготвено за изобилна љубов. Да се молиме пред сѐ за несреќните луѓе, за оние кои плачат во осаменост и кои ја изгубиле надежта дека за нив сè уште постои топлината на љубовта. Молитвата прави чуда; а сиромашните тогаш ја чувствуваат, по Божја благодат, во бедата во која тонат, молитвата на некој христијанин како го воприсутнува Исусовото сочувство: Тој, имено, со голема нежност го погледнал уморното мноштво кое е како изгубено стадо без пастир (сп. Марко 6, 34). Господ е – да не заборавиме на тоа – полн со сочувство, блискост, нежност: овие три збора никогаш не смеат да се заборават. Затоа што таков е Господовиот стил: сочувство, блискост, нежност.

Молитвата ни помага да ги љубиме другите, и покрај нивните тешкотии и нивните гревови. Човекот секогаш е поважен од неговите дела, а Исус не го осуди светот, туку го спаси. Воопшто не е убав животот на оние луѓе кои секогаш ги осудуваат другите, кои секогаш се поставуваат за судии и тужители; тоа е грд, тажен живот. Исус дојде да нѐ спаси: отвори го своето срце, простувај, оправдувај ги другите, имај разбирање и биди близок со другите, биди сочувствителен, како Исус имај нежност. Треба да се сака сѐ и секој, спомнувајќи се во молитвата дека сите, апсолутно сите сме грешниците и истовремено дека Бог го љуби секој човек посебно. Љубејќи го така овој свет, љубејќи го со нежност ќе откриеме дека секој ден и секоја работа во себе носи дел од Божјото таинство.

Во Катехизмот исто така пишува: „Молејќи се во рамките на настаните од секој ден и секој час е една од тајните на Царството објавено на ‘малите’, слугите Христови, на сиромашните од блаженствата. Достојно е и праведно да се молиме доаѓањето на Царството на правдата и мирот да влијае врз текот на историјата, но исто така е важно со молитвата да се „замесат“ секојдневните мали работи. Сите форми на молитва можат да бидат квасец со кој Господ го споредува Царството“(бр. 2660).

Човек – личност, маж и жена – е како здив, како сечиво трева (сп. Псалм 143,4; 103, 15). Филозофот Паскал пишува: „Целиот свет да се вооружи и да заговора против него, сепак не може да го уништи, а сепак малку пареа, капка вода се доволни за да го убие“ [1]. Ние сме кревки суштества, но знаеме да молиме: тоа е нашата најголема вредност, тоа е и нашата сила. Биди храбар! Молете се во секое време, во секоја ситуација, бидејќи Господ е близу. А кога молитвата е според Исусовото срце, тогаш прави чуда.

Ватикан љуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот