Свештеникот Фигуередо за почесниот Папа Бенедикт XVI: Тој е како мудар дедо полн со љубезност и топлина

Почесниот папа Бенедикт XVI има добро здравје, умот исто така му е бистар како и претходно, а на него може да се забележи дека е човек кој е потполно во мир со она што Бог му го намени, ова се впечатоците од средбата со почесниот папа кои на медиумите им ја пренесе Антони Фигуередо.

Како што известува Католик њуз агенси, Фигуередо е еден од петте одговорни на фондацијата „Caritas in Veritate International“ кои неодамна имаа прилика да се сретнат со Бенедикт XVI. Фондацијата е составена од неколку католички каритативни организации, а настаната е по поттик на енцикликите „Deus Caritas est“ и „Caritas in Veritate“, на Бенедикт XVI, објавени за времена неговиот понтификат.

„Бевме воодушевени од неговиот спокој. Се гледа дека се работи за човек кој е во мир со Божјата волја за својот живот, а тоа е да се моли за Црквата“, истакна свештеникот, додавајќи дека почесниот Папа е како „мудар дедо“.

„Полн е со љубезност и топлина. Со добро здравје е, а умот му е остар како во деновите кога беше голем Папа и голем теолог, каков што и го познаваме“, појасни Фигуередо.

За време на средбата со челниците на фондацијата, Бенедикт XVI изрази благодарност што неговите енциклики не се само читани, туку и се спроведени во реалност и нивната содржина не е само резултат на неговата промисла, туку пред сѐ се по надахновение на Светиот Дух.

Фигуередо раскажа и како со почесниот Папа размениле свештенички капи и како Бенедикт XVI беше толку дарежлив што му ја поклонил сопствената, папска капа. Потоа Фигуредо истакна дека Бенедикт XVI, Црквата ја задолжи со својата теологија и своите написи, но негов најголем допринос беше сведоштвото на понизност кое го даде со своето одрекување од папската служба.

„Беше Петров наследник,но не се држеше до таа чест. Туку стана жив пример за она што го вели свети Павле, дека сите работи се ништо во споредба со познавањето на Бога. Односот со Христос, тоа е најважното во нашите животи, а повлекување на Бенедикт од папската служба е голема духовна лекција за сите нас“, заклучи свештеникот.

Горан Андријаниќ/ Битно нет/ Превод: В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот