Молете се за оние кои ве озборуваат

Молете се за оние кои ве озборуваат

Папата Фрањо на 19 февруари 2017 година, после 16 часот замина во посторална посета на парохијата Света Марија Јозефа од Пресветото Срце Исусово. Во својата проповед на светата Литургија, Светиот Отец истакна дека повикот на светоста всушност е програмата на нашиот живот.

Папата Фрањо на 19 февруари 2017 година, после 16 часот замина во посторална посета на парохијата Света Марија Јозефа од Пресветото Срце Исусово. Во својата проповед на светата Литургија, повикувајќи се на главните поуки од литургиските читања, Светиот Отец истакна дека повикот на светоста всушност е програмата на нашиот живот. Бидете свети затоа што Тој е свет (Небесниот Отец); бидете совршени затоа што Тој е совршен – повика Папата.

Може некој да ме праша: „Оче, кој пат води до светоста?“ – претпостави Папата и одговори – Исус тоа преку конкретни работи добро го објаснува во Евангелието. Сакам ли да му се осветам некому за нешто, се оддалечувам од патот на светоста. Нема освета! „Ќе ми платиш за тоа“ не спаѓа во христијанскиот речник! Без освета и омраза… „Но, како можам така да живеам? Таа секојдневно ме озборува; и јас уште за неа да се молам?!“ – Да, моли се за неа…! Тоа е патот на простувањето: заборавете ги навредите – рече Папата.

„Ако те удри некој по десниот образ, сврти му го и другиот!“ Злото се надминува со добро, а гревот со великодушност. Омразата е грда и не е баш неважна работа! Кога ги гледаме вестите и гледаме толку војни; возрасни луѓе и деца масакрирани, наклонети сме да се запрепастиме: „Колку омраза!“ – Но, таа е истата омраза која ти во своето срце ја имаш кон овој или оној човек; кон роднина, кон свекрвата итн. Омразата и осветата во војната секако дека се зголемени – но, таа е истата таа омраза и освета која ја носиме во сопственото срце! Волјата за освета не е христијанска особина – рече Светиот Отец.

Зборувајќи потоа за Божјата добрина и совршеност; кои даваат неговото сонце да излегува над добрите и лошите; и дождот да паѓа над праведните и неправедните; рече дека Бог своите добра ги дели на сите и не прави разлика. Ако некој ми направи нешто лошо, во своето срце му простувам! Тоа е патот на светоста и тоа нѐ оддалечува од секоја војна! Кога сите луѓе тоа би го научиле никогаш нема да дојде до војна! Војната започнува овде – во срцето! – рече Папата.

Омразата и волјата за освета, го уништуваат пријателството, семејството, населбите (квартовите) – уништуваат многу! „Но, кога тоа го чувствувам, што да направам?“ Исус – во Евангелието зборува – „Љубете ги своите непријатели.“ „Зарем јас него да го љубам?!“ Токму така! – „Не можам“! – „Моли се за да можеш!“ Да се молиш за оние кои те прогонуваат, значи да се молиш да го променат животот; Господ да им прости. Тоа е великодушност. Бог е великодушен, а ти? Дали си великодушен, великодушна со оние кои ти нанесуваат зло? Ако е тој великодушен, свет и совршен, и ние исто така сме повикани да бидеме такви – објасни Папата.

Човекот кој тоа го практикува, заслужува да биде канонизиран; станува свет! Ви предлагам да појдете од малите работи… Сите имаме непријатели кои зборуваат против нас; кои нѐ мразат и не ни прават добро – сите! Кога ќе ни се случат такви работи – рече – да застанеме на момент и да погледнеме кон небесниот Отец и да кажеме: „Овој човек е твое дете – промени му го срцето, благослови го!“ Тоа значи да се молиме за оние кои не ни сакаат добро; за своите непријатели – рече папата Фрањо.

Можеби тоа чувство за омраза или волја за освета ќе останат, но ние се трудиме така да правиме! Да се молиме за своите непријатели; да се молиме и за оние кои во војната убиваат деца; да се преобратат. Молитвата е „противотров“ за омразата; за војните кои започнуваат дома; во населбата, во семејството. Колку семејства се мразат заради наследството?! Молете да настапи мир… Ако некој не ми сака добро, туку зло – за него треба посебно да се молам! Молитвата е моќна, го победува злото и донесува мир – рече папата Фрањо.

Да молиме за милост за да не останеме во омразата; за милоста да можеме да се молиме за непријателите; за оние кои не ни сакаат добро, за милоста мир. Ве молам така да правете и да го стекнете тоа искуство. Така се победува и се напредува на патот кон светоста и совршеноста. Така нека биде – посака на крајот од својата проповед Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот