Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави детали за тридневната посета на кардиналот Матео Марија Зупи на Вашингтон како специјален пратеник на папата Фрањо, вклучително и средба со американскиот претседател Џо Бајден, како и разговори со Хелсиншката комисија и неколку членови на американскиот Конгрес.
Од 17 до 19 јули 2023 година, кардиналот Матео Марија Зупи, специјален пратеник на папата Фрањо за промовирање на мир во Украина, престојуваше во Вашингтон, правејќи уште еден чекор во својата мисија да ги олесни страдањата на украинскиот народ разрушен од војна и да промовира патишта за мир.
Посетата следува по посетата на Киев, за време на која кардиналот Зупи се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски и во Москва, каде што разговараше со рускиот православен патријарх Кирил и други високи владини претставници.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во среда, 19 јули, соопшти дека кардиналот Зупи бил придружуван од службеник на Државниот секретаријат на Ватикан за време на неговата посета на американскиот Капитол, со цел да ја продолжи мисијата што му ја довери папата Фрањо и во тоа својство се сретна со претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.
Дипломатска активности
По пристигнувањето во Апостолската нунцијатура, вечерта на 17 јули, кардиналот Зупи разговараше со надбискупот Тимоти Брољо, претседател на Конференцијата на католичките бискупи на САД, се вели во соопштението за печат. За време на таа средба, прелатите разменија мислења за војната во Украина и за иницијативите на Светиот Престол насочени за помош на жртвите и патишта кои може да доведат до мир.
Следното утро, на 18 јули, ватиканската делегација, вклучувајќи го и апостолскиот нунциј, новоименуваниот кардинал, монс. Кристоф Пјер и монс. Сеамус Патрик Хорган, првиот советник на Апостолската нунцитура во САД, се сретна со членовите на Комисијата за безбедност и соработка во Европа (Хелсиншка комисија) на Владата на Соединетите Американски Држави.
За време на таа средба, кардиналот Зупи ја претстави природата и развојот на мисијата што му ја довери Папата, а присутните разговараа за начините како мисијата да биде поефективна.
Во вторник попладне, на 18 јули, специјалниот пратеник на Папата и другите членови на ватиканската делегација беа примени во Белата куќа од претседателот Џозеф Р. Бајден. Во соопштението за печат се наведува дека кардиналот Зупи му врачил писмо на претседателот Бајден од Светиот Отец, кое ја истакнува тагата на Папата за страдањата предизвикани од војната.
Состанокот, кој започна нешто по 17.00 часот и траеше повеќе од еден час, се одвиваше во срдечна атмосфера и меѓусебно слушање, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол, додавајќи дека за време на средбата била потврдена подготвеноста за поддршка на хуманитарните иницијативи, посебно за децата и најзагрозените, во обид да се одговори на итноста и да се поттикнат патишта на мир.
Во соопштението за печат на Светиот Престол се истакнува дека во средата наутро, на 19 јули, ватиканската делегација учествуваше на молитвен појадок на Конгресот, при што кардиналот Зупи имаше можност да ги информира учесниците за состаноците што ги имал во претходните фази од неговата мировна мисија.
По тој повод, како што се наведува во соопштението, била изразена благодарност за напорите на Светиот Престол и била истакната одговорноста на секој поединец во придонесот за мир.
Изјава на апостолскиот нунциј во САД
Во интервју за Ваикан њуз, апостолскиот нунциј во Вашингтон изрази надеж дека мисијата на кардиналот Зупи ќе доведе до напредок на хуманитарен план, посебно во однос на децата кои беа однесени од Украина во Русија.
Новоименуваниот кардинал, монс. Кристоф Пјер, кој беше присутен на средбите кои ги имаше специјалниот пратеник на Папата, рече дека претседателот Бајден внимателно слушал и изразил задоволство од иницијативата на Папата. Освен тоа, тој рече дека биле разменети ставовите на претседателот и на Светиот Отец по ова прашање.
Кардиналот Зупи инсистираше на тоа дека Ватикан сака да го даде својот придонес, иако нема целосен потенцијал веднаш да ги реши сите проблеми. Свесни сме за нивната сложеност, нагласи новоименуваниот кардинал Монс. Пјер.
Апостолскиот нунциј во САД додаде дека иако засега нема очигледни резултати, важно е да се вложат максимални напори за оние кои страдаат. Мислам дека овде, на различните средби што ги имаше кардиналот Зупи, се покажа дека луѓето се многу чувствителни на таа димензија и дека се подготвени да помогнат.
Улогата на Светиот Престол
На дипломатско ниво, новоименуваниот кардинал, монс. Кристоф Пјер, истакна дека придонесот на Црквата е клучен во животот на светот: Светиот Престол е дел од светот, а последиците од војната се страшни за луѓето. Зборувам за бегалците, жртвите, за траумите, посебно за децата.
Како дипломат монс. Пјер, заклучи дека треба да се работи чекор по чекор. Го правиме првиот чекор кога тоа е можно, а еден од тие чекори е токму тоа што го прави кардиналот Зупи, без претензии дека можеме да решиме се, а сепак имаме многу надеж за иднината, рече на крајот монс. Пјер.
Ватикан њуз/к.мк