Прославен патрониот празник во Богданци

Прославен патрониот празник во Богданци

На 24 мај 2022 година, парохиската црква „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци ги чествуваше своите заштитници и патрони, со света Литургија предводена од парохот о. Тома Ангелов во заедништво со о. Гоце Костов – парох во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица и о. Димитар Ташев парох во парохијата „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, на која покрај верниот народ, присуствуваа и сестрите Евхаристинки од Гевгелија, на чело со провинцијалната сестра Бернардина Сирачева, во придружба на с. Еврозија Стојанова и с. Серафима Манолева.

За време на светата Литургија пригодна проповед одржа о. Гоце Костов кој се осврна на делото на светите браќа Кирил и Методиј, при што истакна: Честопати си мислиме дека е она што е запишано во Евангелието се случило многу одамна и не се однесува на нас. (…) Но и по Исусовото воскресение, неговите зборови не престануваат да бидат актуелни, не важат само за тоа конкретно време и место кога и каде се напишани, туку и денес сака да ги допре нашите срца и нѐ повикува на конкретна посветеност во евангелизацијата. Господ Исус Христос продолжува да зборува и да повикува, да навестува, до сите луѓе и во сите времиња, така што живата вера, верата во Воскреснатиот Христос може да се пренесува од генерација на генерација. Токму тоа е и нашето послание денес, како христијани, како и браќата Кирил и Методиј да го направиме Словото Божјо да биде разбирливо за нашите семејства, нашите деца и внуци, да ја пренесеме верата.

Сметам дека верата не е само традиција, туку е и плод на живата вера, бидејќи постои јасна, духовна поврзаност каде секоја генерација ја пренесува верата на следната генерација, која пак ја прима во нивните животи, размислувања, чувства, нивните мислења и односи. Значи и верата не треба да биде само традиционално верување, туку вера која, преку традицијата, секогаш треба во одреден момент да се заживее со нов елан за да биде повторно пренесена. Во тој контекст, секако неизмерно сме благодарни на сите оние луѓе кои на посебен начин придонесоа за продлабочување на нашата верата и допреа со љубовта Христова до нашите срца, пред се мислиме на апостолите, рамноапостолите Кирил и Методиј, но и на ‘нашите домашни апостоли’, дедовци и баби, мајки и татковци…

На крајот од светата Литургија о. Тома Ангелов ги пренесе поздравите и честитките од епископот Стојанов, воедно препорачувајќи го во молитвите и се заблагодари на присутните, посебно до семејството Ристо и Лена Минчеви, кои оваа година беа кумовци на прославата.

Свеченоста заврши со благослов на празничното коливо и агапе во црковниот двор.

к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот