Генерална аудиенција: Работата е пат на посветување

Генерална аудиенција: Работата е пат на посветување

Достоинствената работа е неопходна за човечкиот развој и е пат на посветување, рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 12 јануари 2022 година, при што во својата катехеза се фокусираше на свети Јосиф како работник.

Евангелистите Матеј и Марко зборуваат за свети Јосиф како дрводелец или столар. Сепак, грчкиот збор што се користи за да се опише неговата работа – „тектон“ има различни преводи. Затоа, „дрводелец“ или „столар“ е општо име за оние кои работеле со дрво или изведувале градежни работи. Папата рече дека тоа е напорна работа која бара сила, но нема голема заработка.

Денешната реалност

Свети Јосиф нѐ потсетува на сите денешни работници, посебно на оние кои напорно работат во рудници и одредени фабрики, рече Папата. Зборувајќи за бројните експлоатирани работници, тој повика да се размислува за работниците без документи, оние кои се експлоатирани со работа на „црно“, кои се плаќани криумчарски, без пензија, без ништо. А ако не работиш, немаш сигурност, рече Папата. Тој повика да се размислува за жртвите на работа кои страдаат од несреќи при работа, како и за децата кои се принудени да работат. Има деца на возраст на која би требало да играат, но се принудени да работат како возрасни, рече Папата.

Таа реалност нѐ потсетува и на оние кои се без работа и страдаат поради тоа, особено семејствата кои се борат да преживеат, додаде Папата. Многу млади луѓе, многу татковци и мајки ја доживуваат драмата да немаат работа која би обезбедила мирен живот. Тие живеат од ден на ден. И многу пати барањето работа станува толку драматично што ги доведува до точка на целосно губење на надежта и желба за живот. Во овој период на пандемија, многу луѓе останаа без работа, а некои, обземени од неподносливата тежина, дојдоа до точка да си го одземат животот. Денеска сакам да се потсетам на сите нив и на нивните семејства, рече Петровиот наследник.

Посветеност на работата

Работата е важен дел од човечкиот живот, таа е дури и пат на посветување, нагласи Папата. Работата не е само средство за заработка, таа е простор каде што се изразуваме, се чувствуваме корисни и учиме голема лекција за конкретноста, што помага духовниот живот да не стане спиритизам.

Тажен е фактот, истакна Светиот Отец, што често работата е заробена во проблемите на социјалната неправда, наместо да се заштити како би се почитувало човечкото достоинство и да се гарантираат средствата за егзистенција.

Со каков дух ја работиме нашата секојдневна работа?

Папата праша со каков дух ја работиме нашата секојдневна работа и како нашата работа е поврзана со другите и нашата судбина. Светиот Отец истакна дека е добро да се види дека самиот Исус работел и го учил занаетот од свети Јосиф.

Денес треба да се запрашаме што можеме да направиме за да ја вратиме вредноста на работата; и каков придонес можеме ние како Црква да дадеме за да ја откупиме работата од логиката на обичниот профит и да ја доживееме како основно право и должност на личноста која го изразува и го зголемува своето достоинство, рече Папата.

На крајот, Папата повика на заедничка молитва од свети Павле VI. упатена до Свети Јосиф на 1 мај 1969 година:

О, свети Јосифе, заштитник на Црквата,

ти кој, покрај вополотеното Слово,

секојдневно работеше како би заработил за леб,

црпејќи од Него сила за животот и работата;

Ти кој ја искуси грижата за утрешниот ден,

горчината на сиромаштвото, несигурноста на работата,

ти кој денес зрачиш со пример на твојот лик,

понизен пред луѓето, но голем пред Бог,

заштити ги работниците во нивната секојдневна егзистенција,

бранејќи ги од обесхрабреност, од негирачка побуна,

Како и од искушението на хедонизмот;

И зачувај го мирот во светот,

оној мир, кој единствено може да го гарантира напредокот на народите.

Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот