Илјада млади христијани молеа Крстен пат за мир во Ерусалим

Илјада млади христијани молеа Крстен пат за мир во Ерусалим

Околу 1000 деца и млади од христијанските училишта во Ерусалим одеа по традиционалната рута Виа Долороса – Крстниот пат во Стариот град, молејќи за мир и оставајќи траги на надеж.

Во петокот, на 23 февруари 2024 година, голема група млади луѓе ги оживеа улиците на Ерусалим за прв пат по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас минатиот октомври.

Иницијативата наречена „Крстен пат… Патот на мирот“ беше организирана од Кустодијата на Светата Земја и опфати 12 институции, вклучувајќи две училишта на Англиканската црква и училиште на Ерменската апостолска црква, како и разни католички групи. Присутни беа и кустосот на Светата Земја, отец Франческо Патон и апостолскиот делегат во Ерусалим, монс. Адолфо Тито Илана.

Крстниот пат започна во црквата „Камшикување“ (Осуда) и заврши во црквата „Свети Спас“. Првите осум постојки се одвиваа по традиционалната рута на „Виа Долороса“. На секоја постојка, по библиското читање и молитвата, две деца пуштаа по еден пар гулаби, видлив знак на молитвата за мир и слобода, кои ја воздигнуваа најмладите учесници.

Молитвата за мир полна со симболика

„Секоја година го организираме Крстниот пат со учениците“, објасни за CNA отец Ибрахим Фалтас, викар на Кустодијата на Светата Земја и директор на училиштето „Света Земја“. Минатата година настанот имаше посебен одек: учениците носеа црвени шалови – бојата на крвта – со ликот на вандализираната статуа на Исус, која беше скршена само неколку недели претходно во комплексот „Црквата на Камшикување“.

Скршената и обезличена статуа никогаш не беше обновена и стана симбол на  Исус страдалник. И оваа година првата постојка беше околу таа статуа.

„За шаловите избравме бела боја, бојата на мирот“, рече викарот Фалтас, објаснувајќи: „Натписите „Da nobis pacem Domine“ и „Дајте ни мир“ формираат крст од ткаенините. Испечативме и слика на гулаб кој во клунот држи маслиново гранче, симбол на мирот“.

Викарот, исто така, укажа на важноста на верската слобода во светлина на неодамнешните извештаи кои сугерираат дека израелската влада може да размисли за ограничувањето на пристапот до џамијата Ал-Акса/Планината на храмот во текот на месецот Рамазан.

„Ерусалим мора да биде отворен за сите; тоа е неговата природа. Луѓето не можат да бидат спречени да одат на намаз во секое време. Секој има право да се моли на своите места на богослужба. Ако луѓето не можат да дојдат до џамиите за време на Рамазан, тоа би било значаен проблем“, рече отец Ибрахим.

Исус го даде својот живот за сите луѓе

Постојките од 9 до 14 се одржаа во Фрањевската црква „Свети Спас“, а на крајот од Крстниот пат, кустосот на Светата Земја одржа кратка медитација за дарот на Исус, кој го даде својот живот за целото човештво – дури и за оние кои го прогонуваа.

„Да ја побараме од него благодат да ги спаси нашите срца од омразата и желбата за освета кон оние што ни прават зло. Да молиме за благодатта да ги сруши сите ѕидови изградени од непријателството и омразата. Да Го замолиме Исус, Кој ги испружи рацете меѓу небото и земјата, да ни помогне да изградиме мост на мир денес преку нашето застапување за мир и помирување во Светата Земја и во целиот свет“, рече кустосот Патон.

По молитвата „Едноставна молитва“ која му се припишува на Свети Фрањо, апостолскиот делегат во Ерусалим, монс. Адолфо Тито Илана, го даде завршниот благослов со моштите на Светиот Крст.

По молитвениот настан, кустосот разговараше со присутните новинари, каде се осврна на учеството на децата.

„Овој Крстен пат имаше исто така за цел да ги поттикне нашите деца да останат цврсти во надежта. Во моментите кога изгледа дека луѓето не можат да се договорат, мораме уште поупорно да тропаме на Божјата врата со нашите молитви, за да се вразумат оние кои мораат и можат да дадат решение за оваа војна“, рече отец Франческо.

CNA/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот