Година на верата – вистинско богатство за Црквата

Во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица на 16 ноември, една недела пред официјалното затворање на Година на верата, се одржа духовна средба, на која учествуваа свештеници, монаси, монахињи, богослови и верници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопската бискупија.

На почетокот од средбата Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија го поздрави Н.Е. монсињор д-р Јануш Болоњек, Апостолски нунциј во Република Македонија, кој пак во својот говор се осврна на активностите на Светиот Отец во Година на верата.

Тој потсети на отворањето на Година на верата од страна на папата Бенедикт Шенаесети на 11 октомври 2012 година и неговото Апостолско писмо „Врата на верата“ (Porta fidei), спомна за неговото повлекување од Петровата служба, како и за изборот на папата Фрањо:

Во среда 13 март 2013 година на главната ложа на базиликата Свети Петар се појави првиот Папа од Американскиот континент, поточно од Јужна Америка, Аргентина. Првиот папа Исусовец во историјата и првиот Папа кој го зеде името Фрањо. Овие три апсолутни новости беа предупредување за нови работи во исполнувањето на Петровата служба (ministerium Petrinum) во католичката заедница, но и за целото човечко семејство, бидејќи епископот на Рим е „совеста на светот“ – истакна Aпостолскиот нунциј Болонек.

Понатаму Апостолскиот нунциј говореше за активностите на папата Фрањо во рамките на Година на верата, како што се неговите средби со младите, учениците од училиштата на Исусовците во Италија и Албанија, со црковните движења и братства, средбата на Папата со сите папски претставници во целиот свет, Денот посветен на Марија, Деновите на семејствата…

Кон крајот од предавањето Апостолскиот нунциј Болонек се осврна и на првата енциклика на папата Фрањо „Светло на верата“ (Lumen fidei). При тоа нагласи дека сите треба да се запознаеме со оваа енциклика напишана од „четири раце“, бидејќи е прекрасен трактат за христијанската вера.

По завршувањето на предавањето на Апостолскиот нунциј, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во кратки црти се осврна на Црквата во Македонија и случувањата и достигнувањата во Година на верата. При тоа се заблагодари на сите оние кои на свој начин допринесоа за навестување и ширење на Евангелската вест.

Средбата заврши со света Литургија, која ја предводеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј, архиепископот Болонек и свештениците од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопската бискупија.

го*ко

Категорија: Македонија

За авторот