Во Атина заврши средбата на источните католички епископи од Европа

Во Атина заврши средбата на источните католички епископи од Европа

Од 18 до 21 септември 2023 година во Атина, Грција се одржа редовниот годишен состанок на источните католички епископи на Европа. Состанокот се одржа под покровителство на Советот на европските бискупски конференции (CCEE), а домаќин на овогодинешниот состанок беше епископот Мануел Нин, ОСБ, Апостолски егзарх за католиците одвизантискиот обред во Грција. На средбата присуствуваше епископот Киро Стојанов.

На тридневната седница, која делумно се одржа во Центарот „Памакаристос“ во Неа Макри, кој е дом за болни деца раководен од Грчкиот егзархат, се зборуваше за семејството и посланието на Црквата во поглед на современите предизвици низ кои минуваат христијанските семејства.

На почетокот на средбата присутните ги поздрави монс. Гинзарас Грушас, претседател на Советот на европските бискупски конференции, потоа отец Мишел Јалак, секретар на Дикастеријата за Источните цркви и Апостолскиот нунциј во Грција, монс. Јан Ромео Павловски.

На првиот ден од средбата, помошникот епископ од Братислава, епископот Милан Лах ДИ, одржа предавање за предизвиците со кои се соочуваат семејствата денес, а учесниците потоа во помали работни групи разговараа за нивните искуства и ставови во однос на пасторална грижа за семејствата.

На вториот ден од средбата, ѓаконот д-р Јанош Ниран од Унгарската источна католичка црква зборуваше на тема за односот на епископот со семејствата на свештениците и ѓаконите, како и за посебните предизвици со кои се соочуваат. На заеднички конференции по предавањата и групната работа, преку интервенции на бројни учесници, преовладуваа мислењата дека денес повеќе од кога било потребно е пасторално да се работи со поединечни семејства во парохиите, како и со семејствата на свештениците и ѓаконите, а особено се повикани епископите. да бдејат на семејната пасторална грижа во нивните епархии и да се запознаат со нивните тешкотии, предизвици и духовен живот. Семејството е основна клетка на здравото општество и Црквата и како такво треба да има привилегирано место во пасторалната дејност на Црквата во денешниот свет, посебно во Европа каде семејството е изложено на бројни предизвици од секуларизацијата, па дури и напади.

Источните католички цркви со бројни оженети свештеници и ѓакони кои имаат семејства можат да дадат особено вреден придонес на Католичката црква во севкупното послание на пасторалната грижа за семејствата. Епископите од некои западноевропски земји истакнаа дека во секуларизираните општества на Западна Европа, концептот на семејство е променет и повеќе не одговара на христијанскиот концепт за семејство, а во некои земји дури е непожелно, па дури и законски забрането да се бранат основните постулати на христијанското семејство. Така, веќе во некои региони училиштата веќе не смеат да зборуваат за семејството како заедница на маж, жена и деца, а таквиот став јавно изразен може да има законски казниви последици. Епископите на Украинската источна католичка црква ги презентираа посебните тешкотии што ги доживуваат семејствата како резултат на наметнатата војна, каде што се случуваат бројни разделби, раселувања и разделувања на многу семејства.

Во рамки на средбата се служеше свечена архиерејска Литургија во катедралата Света Троица во Атина, седиштето на Грчкиот католички егзархат, кој годинава одбележува 100 години од основањето.

Божествената златоустова света Литургија ја предводеше месниот епископ Мануел Нин, заедно со сите епископи кои учествуваа на средбата, свештеници и ѓакони. По Литургијата, програмата продолжи со презентација за историјата на Грчкиот католички егзархат во Грција, која ја подготви катедралниот парох, архимандрит отец Бесарион, а на крајот пред катедралата настапи фолклорна група со традиционален грчки песни и ора.

Во рамки на средбата, во Ерменската католичка катедрала се одржа Вечерна богослужба по ерменски обред и посета на Ерменскиот католички ординаријат во Атина. На средбата покрај епископот Стојанов присуствуваа епископи, свештеници и ѓакони од источно -католичките цркви на Украина, Романија, Словачка, Унгарија, Белорусија, Полска, Хрватска,  Австрија, Србија, Бугарија, Чешка, Грција и Италија, како и епископи и свештеници на други католички обреди (сиро-халдејски, сиро-антиохиски, маронитски, ерменски) од повеќе европски земји (Германија, Франција, Велика Британија, Шведска) каде што денес има епархии, егзархати и Апостолски админстратури на Источните католички цркви.

к.мк/о.Ливио Маријан

Категорија: Вести, Македонија

За авторот