Божиќна порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов

Божиќна порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов

И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач Кој ќе го пасе Мојот народ – Израил!“ (Мт 2,6; Мих5,1)

Браќа свештеници, Чесни сестри, браќа и сестри во Христа!

Витлеем, денес мало гратче со околу 25.000 жители на околу 10 км од Ерусалим, е местото од каде потекнува Давид, еден од најзначајните кралеви на Израел. Тој е поврзан со ветувањето, каде Господ му се заколна дека од неговата лоза ќе дојде Месија кој ќе управува со Израил и чие владеење нема да има крај. Тој ќе биде голем. Доаѓа да воспостави правда и право, а народите копнеат по неговото учење (сп. Исаија 42,2-4). Кога дошло времето, Бог решил во својата љубов кон човекот да го испрати својот Син во светот за да го исполни ветувањето што го дал на почетокот на светот.

Да се потсетиме, Бог го создал човекот по своја слика, го создаде како „машко и женско“ и му ја доверил грижата за целиот свет, да му служи само на Создателот и да владее со светот. Не само што го создал, туку во неговата непосредна близина и дом му изградил. Но, во еден момент човекот му дозволил на злобниот заводник да го убеди дека Бог не е негов пријател, на тој начин згрешил и му свртел грб на Бога и го загубил пријателството со Бога. Затоа, тој мораше да го напушти местото каде што Господ го сместил и да замине во пустелија на историјата со смртна тага во себе, додека вратите од рајот се затвориле зад него. Сепак, поаѓајќи на својот бегалски пат и живеејќи го својот живот во прогонство, човекот го задржува во своето сеќавање ветувањето што Бог му го дал, дека нема да го напушти во неговата љубов, туку ќе му испрати Откупител. Тоа Божјо ветување живеело во сеќавањето на многу генерации на човечкиот род. Затоа пророците во Светото Писмо, особено во тешките мигови на историјата, кога се газат правата на сиромашните и бедните, го кренале гласот кон Бога за конечно да ги раскине своите небеса, да се спушти и да го исполни своето ветување и да се воспостави правда и право, како што во неговиот народ се воспоставил мир. Бог го слушнал тој плач и во еден миг од историјата одлучува да го исполни своето ветување. Тоа се случило во времето на римскиот император Август, кој издал наредба „да се направи попис на населението во целиот свет“ (Лк 2,1), и во деновите на царот Ирод (сп. Мт 2,1). Евангелијата упатуваат на овие двајца владетели од човечката историја, укажувајќи дека раѓањето на Исус не е бајка, туку историски факт.

Витлеем е родното место на Исус, барем „меѓу кнежевството Јудино“. На овој дел од земјата, ангелите им прогласија мир на луѓето со добра волја при раѓањето на Царот на мирот. И за родното место на Исус, Бог ги користи настаните од човечката историја. Така, царот Август издал наредба да се запише населението на неговата империја. Свети Јосиф, кој потекнува од родот Давидов, тој и неговата сопруга Марија, која била бремена, морале да патуваат од Назарет во Витлеем за да ја извршат оваа граѓанска должност, но и да ја исполнат пророчката реч дека Месијата ќе се роди во Витлеем. Кога Јосиф и Марија пристигнале во Витлеем, дошло времето Марија да се породи. Тие барале место некаде да се засолнат, но за нив во Витлеем никаде немало место, освен во некоја штала во витлеемските полиња, меѓу пастирите кои ги чуваат своите стада и меѓу живината што во тоа засолниште се штитела од дожд, жега и студ. „Тоа не е зграда со столбови капители, ниту научна просторија на денешните богати луѓе или, раскошна куќа каква што се украсува за Бадник вечер. Таа штала имала само четири груби sидови, каллив под и покрив од греди и плочи. Вистинската штала е темна, каллива, смрдлива, во неа имало само чисти јасли во кои домаќинот ставил сено и слама. Таа била вистинската штала каде се родил Исус. Најнечистото место во светот беше живеалиште на единствениот чист, роден од жена. Синот човечки, кој ќе биде проголтан од животни, наречени луѓе, јаслите му биле првата лулка, јасли во кои животните преживуваат прекрасно пролетно цвеќе.“ (Папини, Историја на Христос). Бог секогаш го започнува своето дело со мали и безначајни луѓе. Од ништо Тој го создаде светот со Својето Слово; од незначителност го откупи човечкиот род. Тоа се Негови силни дела со кои ја изразува својата љубов кон нас.

Драги браќа и сестри, нашата земја, која Бог ни ја подари на светската сцена, е мала и безначајна, со нешто повеќе од два милиона жители, а католиците од обете традиции во оваа земја се навистина „мало стадо“. Сепак, како такви, бевме достојни оваа година во заедништво со нашите браќа и сестри на другите Цркви и верски заедници да го пречекаме и поздравиме нашиот драг гостин, папата Фрањо, кој нè посети на 7 мај 2019 година, и тој ден го помина со нас, во нашата заедничка куќа. Можевме да ја почувствуваме неговата љубов и приврзаност кон нашиот народ и кон сите граѓани на оваа земја. Обраќајќи се пред надлежните органи на нашата држава, тој рече дека разноликоста на различни култури, етнички заедници, вероисповеди и религии може да послужи како пример за другите земји. „Овие специфични карактеристики се многу значајни за подобра интеграција со европските земји. Моја надеж е дека оваа интеграција ќе биде развиена на начин што ќе биде од полза за целиот регион на Западен Балкан, со неисцрпното почитување на различностите и човековите права“.

Во нашиот главен град е родена нашата Светица – Света Мајка Тереза, на која сме горди за нејзината љубов кон најсиромашните од сиромашните, чие дело ги допре срцата на многу луѓе ширум светот. Папата ја посвети својата посета на оваа голема ќерка на нашата земја. Со Божјата благодат, таа станала храбра мисионерка на Христовата милост во светот зашто одбрала живот да им служи на најсиромашните. Таа ни ја даде како пример, затоа што преку својата работа му покажа на светот дека и во наше време евангелието влијае на срцата на луѓето и му дава смисла на животот. Оваа ќерка на нашата земја, во свое време, Генералниот секретар на заседанието на сесијата на Обединетите нации ја претстави вака: „Ви ја претставувам најмоќната жена на светот. Таа навистина ги претставува Обединетите нации, затоа што во нејзиното срце е страданието на многу луѓе“. Таа му возвратила на начин што ја подигнала бројаницата во својата рака и рекла: „Јас сум само сиромашна жена која се моли. Молејќи, Господ ми става љубов во моето срце за да можам да ги сакам сиромашните… Молете се и вие и вашето срце ќе биде исполнето со љубов за да можете и вие да ги сакате сиромашните околу вас“. Во оваа смисла, папата Фрањо се обрати и до нашиот претседател Иванов овде со совет дека и тој работел и да работи како Мајка Тереза за обединување на народот.

Неговата порака која ја насочи кон нас христијаните на оваа земја ја носиме во срцето како завет и задача која се наоѓа пред нас: „Ја гледам тука Црквата која дише со двете белодробни крила – римскиот и византискиот обред – и вдишува секогаш нов и возобновен дух на Светиот Дух“. Овие две крилја се неопходни и комплементарни затоа што „ни помагаат подобро да ја вкусиме убавината на Господ“.

Пред Бога, ние не сме ниту мали, ниту безначајни, затоа што кога секој од нас го прави сето она што Бог го бара од нас, односно возвраќајќи му ја нашата љубов, тогаш Бог и преку нас ќе ги манифестира своите силни дела.

Драги браќа и сестри, додека во нашите срца се уште ги чуваме зборовите и настанот од посетата на Светиот Отец папа Фрањо меѓу нас, сакаме да се задржиме на уште поголемиот настан што се случил пред повеќе од две илјади години, кога Бог дојде кај нас преку раѓањето на својот Син што со своето доаѓање меѓу нас луѓето во лицето на човек ја запали вербата во срцата на луѓето. На таа Божиќна ноќ се роди вистинската светлина која го просветлува секое човечко суштество и сите народи. Оваа светлина потекнува од јаслите и нè повикува да се предадеме слободно на Исус и да му дозволиме да нè обдари со Својата љубов. И ние Нему му даруваме сè што имаме, како нашите срца и нашата љубов, така и нашите слабости и нашите неуспеси. Тој е оној што дарува мир, бидејќи по тој настан во малото местенце Витлеем, повеќе ништо не е како порано.

Во овој поглед, драги браќа и сестри, на сите ви посакувам Честит празник Рождество Христово – Божик! Меѓу сите луѓе во оваа наша земја Македонија и во светот да слезе Божјиот мир и благослов! Христос се роди!

Со благослов

Ваш епископ

 + Киро Стојанов

За авторот