Света Марта: Нашиот однос со Бог е важен за животот

Света Марта: Нашиот однос со Бог е важен за животот

Болестите на душата треба да се лекуваат, а лекот за тоа е барање простување. Тоа го истакна папата Фрањо за време на проповедта на светата Литургија на 17 јануари 2020 година, која ја служеше во капелата на Домот Света Марта, коментирајќи за тоа како Исус го оздравува фатениот. Добро е да се лекуваат болестите на телото, но “дали мислиме на здравјето на срцето“? На тоа забораваме, не одиме кај лекарот кој може да нè излекува.

Делот од светото Евангелие според Марко ни зборува за тоа како Исус е во Капернаум и мноштво луѓе се собрале околу него. Некои сакале да му донесат еден фатен човек, но поради мноштвото народ не можеле да дојдат до него, па на кровот направиле отвор и преку него го спуштиле со постелата на која лежел. Се надевале дека Исус ќе го оздрави, меѓутоа ги збунил, велејќи му на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите!“ Дури потоа ќе му нареди да стане, да ја зема постела и да си оди.

Коментирајќи во проповедта за тој настан, папата Фрањо истакна дека Исус со своите зборови ни дава да дојдеме до она важното. Тој е Божји човек, оздравувал но не бил исцелител, поучувал, но бил и повеќе од учител. Во ситуацијата во која се најдел преминува на она најважното. Го погледнува фатениот и му вели: Ти се простуваат гревовите! Телесното оздравување е дар, телесното здравје е дар кој треба да го чуваме. Но, Господ нè учи дека треба да го чуваме и здравјето на срцето, духовното здравје.

Страв да се оди таму каде што може да се сретна Исус

Исус оди на она најважното и со жената грешница, за која зборува евангелието, кога поради нејзиниот плач вели: Ти се простуваат гревовите. Другите се соблазнувале, кога Исус одел на она најважното, затоа што и во тоа е пророштвото, во тоа е силата. Исто така Исус му вели „оди и не греши повеќе“ на човекот кај бањата. Самарјанката на изворот која му поставувала многу прашања, била како некој теолог, додаде Папата. Исус ја прашува за мажот. Оди на она најважното во животот, а твојот однос со Бог е важен – додаде Светиот Отец.

Меѓутоа ние често забораваме, како да се плашиме да одиме токму таму каде што е средбата со Господ, со Бог. Се трудиме околу своето телесно здравје, си даваме совети за лекарите и лекарствата; и тоа е добро, но дали мислиме на здравјето на срцето? – праша Папата и напомена – можеби ќе ни помогнат Исусовите зборови: Синко! Ти се простуваат гревовите! Дали сме навикнати да мислиме на тој лек за простување на нашите гревови, нашите грешки? Се прашуваме ли: Дали треба да побараме од Господ простување за нешто? Да, обично сите сме грешници. И денес Исус на секој од нас му вели: Сакам да ти ги простам гревовите – истакна Папата.

Простувањето оздравува

Напоменувајќи дека некој можеби кај себе не наоѓа гревови, кои треба да ги исповеди, затоа што не е свесен на гревот, Папата истакна дека простувањето е лек за оздравување од болестите на душата, од конкретните гревови. Она на што Исус нè учи кога го истакнува она најважното, и тоа е многу едноставно. Важно е здравјето, целото здравје, и на душата и на телото. Добро да го чуваме здравјето на телото, но и она на душата. И да одиме кај Лекарот кој може да нè оздрави, кој може да ги прости гревовите. Исус дојде заради тоа, за тоа го даде животот – истакна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот