Папата: Светиот Престол ќе работи на враќање на украинските деца однесени во Русија

Папата: Светиот Престол ќе работи на враќање на украинските деца однесени во Русија

Во разговор со новинарите во авионот на враќање од Апостолското патување од Будимпешта до Рим, папата Фрањо зборуваше за прифаќањето; за мирот што се создава со отворање на каналите на пријателството, а никогаш со нивно затворање; за напорите на Светиот Престол да овозможи примирје во Украина и враќањето на украинските деца од Русија, како и неговата неодамнешна хоспитализација и закрепнување.

Посветеноста на Светиот Престол за олеснување на враќањето на украинските деца однесени во Русија за време на војната, мирот, контактите со Кремљ и екуменскиот дијалог, краток преглед на здравјето по хоспитализацијата во клиниката Гемели пред Цветници, како и враќањето на остатоци од Партенон во Грција, беа темите за кои зборуваше папата Фрањо со новинарите за време на летот назад од Будимпешта за Рим, по завршувањето на 41. Апостолско патување.

Европа треба да покаже дека е Европската унија

Во однос на миграцијата, Светиот Отец смета дека тоа е проблем што Европа треба да го земе во свои раце, бидејќи најмногу страдаат пет земји: Кипар, Грција, Малта, Италија и Шпанија, бидејќи тие се медитерански земји и таму доаѓаат најмногу мигранти. Затоа, ако Европа не се погрижи за тоа, за правична распределба на мигрантите, проблем ќе бидат само тие земји. Мислам дека Европа треба да покаже дека е Европската Унија и за ова прашање – истакна тој и спомна уште еден проблем поврзан со миграцијата, а тоа е наталитетот.

Добро спроведената програма за миграција, која се спроведува според моделот што некои земји го имаа со миграцијата, како што е Шведска за време на диктатурите во Латинска Америка, може – според Папата – да им помогне на земјите со низок наталитет, како на пример, Италија и Шпанија.

Подготвеност за помош во мировниот процес

Осврнувајќи се на средбата во Будимпешта со митрополитот Иларион, Папата рече дека е неопходно да се одржуваат тие односи, бидејќи кога станува збор за екуменизмот, треба да имаме подадена рака кон сите и да ја прифатиме раката што ни е подадена. Тој ја спомена и средбата со патријархот Кирил, која требаше да се одржи минатата година во Ерусалим, но беше одложена поради војната. Треба да се одржи – рече тој, истакнувајќи дека е подготвен да направи сѐ што е потребно за да се забрза мировниот процес во Украина.

Светска средба на млади во Лисабон

На новинарско прашање дали поради неговото здравје во август ќе патува во Лисабон, папата Фрањо го потврди присуството на Светска средба на млади. Што се однесува за хоспитализацијата во неделата пред Цветници рече дека се работи за тешка акутна пневмонија, но неговиот организам добро реагирал на терапијата. Тој спомена и други патувања кои се на програмата: Марсеј и Монголија.

Враќање на остатоци од Партенон

Голем оддек имаше екуменскиот гест на Папата кога неодамна, во име на Ватиканските музеи, на Грција и подари три фрагменти на скулптури од Партенон. Новинарите се интересираа дали е подготвен и за други вакви гестови. Одговарајќи, Светиот Отец истакна дека до степен до кој може да се врати, тоа мора да се направи. Понекогаш тоа не е можно, нема политички или конкретни можности. Но, до степен до кој може да се врати, ве молиме сторете го тоа – рече папата Фрањо

Враќање на украинските деца во татковината

Последното прашање се однесуваше на барањето на украинскиот премиер за помош од Светиот Отец за враќање на украинските деца насилно однесени во Русија. На новинарско прашање дали има намера да помогне, Папата рече дека Светиот Престол веќе посредува во размената на затвореници. Тоа беше направено преку амбасадата и помина добро, така што мислам дека и тоа може да помине добро – рече тој, нагласувајќи дека Светиот Престол е подготвен да го направи тоа затоа што е правилно, праведно, затоа мораме да помогнеме да не биде casus belli, туку човечки случај. Тоа е повеќе проблем на човештвото отколку проблем на воен плен или воена депортација. Сите човечки гестови помагаат, додека суровите не. Мораме да направиме се што е човечки возможно – истакна Римскиот бискуп спомнувајќи ги жените кои доаѓаат со деца затоа што нивните сопрузи загинале или се борат во војна. Точно е, во овој момент им се помага, но не треба да се губи ентузијазмот за давање помош, бидејќи во тој случај овие жени остануваат без заштита. Да внимаваме да не го изгубиме тоа внимание за помагањето на бегалците – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот