На Генералната аудиенција, папата Фрањо рече дека сака да ја сумира катехезата за апостолската ревност во светлината на Апостолскиот поттик Evangelii gaudium: навестувањето на Христос е секогаш ново, тоа му е потребно на денешниот човек и општество, кое ги напушта просторите на религиската смисла
Чувството од кое зависи евангелизацијата е радоста. Откако минатата среда зборуваше за сведоштвото на апостолскиот жар на француската мистичарка Медлин Делбрел, папата Фрањо на Генералната аудиенција на 15 ноември 2023 година, одржана на плоштадот Свети Петар, објави дека сега сака да го привлече вниманието на четири точки кои го сумираат патот кој е досега поминат, преземајќи ги од Апостолкиот поттик Evangelii gaudium, објавен пред 10 години.
Евангелието е порака на радоста
Првата точка е радоста што доаѓа од фактот дека она што христијанинот го навестува е Личност – Исус. Тој е радост и затоа само радоста може да го обележи оној што го навестува.
Ете затоа незадоволен, тажен или уште полошо огорчен и намќор христијанин не е веродостоен. Тој ќе зборува за Исус, но никој нема да му верува. (…) Важно е да обрнете големо внимание на вашите чувства. Во евангелизацијата на дело е бесплатноста, која произлегува од полнината, а не од притисок. Кога некој сака да евангелизира врз основа на идеологии, тоа не е евангелизација, тоа не е Евангелие. Евангелието не е идеологија; Евангелието е навестување, навестување на радоста.
Вистинската средба со Исус носи радост
Во катехезата Светиот Отец се осврна на настанот од Евангелието за двајцата ученици од Емаус и другите ученици во салата на Тајната вечера кои од радост не можеле да поверуваат кога го виделе воскреснатиот Исус. Средбата со Исус секогаш носи радост, а ако тоа не ти се случи, не е вистинска средба со Исус – забележа тој и додаде:
Први кои треба да евангелизираме, сме ние христијаните. Тоа е многу важно. Потопени во денешната брза и комплицирана атмосфера, и ние всушност можевме да откриеме дека ја живееме нашата вера со мало чувство на одрекување, убедени дека Евангелието повеќе не се слуша и дека повеќе не вреди да се залагаме за негово навестување. Може дури и да бидеме во искушение да ги оставиме „другите“ да одат по својот пат. Напротив, ова е токму моментот да се вратиме на Евангелието за да откриеме дека Христос е секогаш млад, секогаш постојан извор на новост.
Дури и денешниот човек го очекува Евангелието
По средбата со Христос – истакна Папата – се враќаме во секојдневниот живот свесни дека најдовме богатство кое многумина го очекуваат за да го примат како збор на надеж.
И денес се очекува Евангелието; денешниот човек е како луѓето од сите времиња; Евангелието му е потребно, како на цивилизацијата на програмирано неверување, така и на институционализираниот секуларизам; згора на тоа, Исус најмногу му е потребен на општеството кое ги напушта просторите на религиозната смисла. Ова е поволен момент да се навести Исус.
Да се обнови средбата со Исус, со Личноста, а не идејата
Посочувајќи дека средбата со Исус ослободува од тагата и духовната празнина и дека радоста се раѓа повторно и одново со Исус, папата Фрањо ги охрабри сите да ја обноват својата лична средба со Христос и посочи ако некој не чувствува радост, тогаш е добро да се праша дали воопшто го сретнал Исус.
Секој од нас нека одвои малку време денес и нека размисли: „Исусе, Ти си во мене; Сакам да те запознавам секој ден. Ти си Личност, а не идеја; Ти си придружник на патот, а не програма. Ти си Љубовта која решава многу проблеми. Ти си почеток на евангелизацијата. Ти, Исусе, си извор на радоста“.
Ватикан њуз/к.мк