„Божјото име е милосрдие“ – прва книга-интервју на Папата

„Божјото име е милосрдие“ е насловот на првата книга-интервју на папата Фрањо која на 12 јануари истовремено е обајвена во 86 земји. Во разговор со ватиканистот Андреа Торниели, Папата зборува за своето видување на Божјото милосрдие.

Папата е човек на кој му е потребно Божјото милосрдие – една од мислите на Папата која ја кажа и на средбата со затворениците во Боливија. „Ги потсетив дека дури и свети Петар и свети Павле биле затвореници. Имам посебен однос со луѓето во затвор кои се лишени од својата слобода. Отсекогаш сум бил многу близок со нив, токму затоа што сум свесен дека сум грешник“ – истакнува папата Фрањо во книгата.

„Секој пат кога поминувам низ затворската врата за да служам света Литургија или да отидам во посета, секогаш помислувам: Зошто тие, а не јас? Јас би требало да бидам овде. Јас заслужувам да бидам тука. Нивниот пад можеше да биде мој. Не се чувствувам супериорно пред тие луѓе. И затоа повторувам и молам: Зошто тие, а не јас? Може да изгледа шокантно, но црпам утеха од Петар: тој Го предаде Исуса, но и покрај тоа бил избран“ – рече во Папата во интервјуто.

Призна дека често размислува за тоа што Петар му го кажал на Исус на воскресната недела кога лично го сретнал. Дали можеби му кажал дека се чувствува како грешник? Мора да помислил на своето предавство, на она што се се случило претходните денови, кога три пати се правел дека не го познава Исуса. Мора да помислил на своите горки и јавни солзи. Ако Петар сето тоа го направил, а Исус и порај тоа му рекол: Паси ги моите овци, мислам дека не треба да се чудиме ако Петровите наследници се нарекуваат грешници. Тоа не е ништо ново – рече папата Фрањо.

Црквата го осудува гревот затоа што мора да ја зборува вистината: „Тоа е грев.“ Но таа истовремено го прифаќа грешникот кој се исповедува како таков. Црквата го прифаќа, го повикува и му зборува за бескрајното Божјо милосрдие. Исус им простил дури и на оние кои го распнале и исмевале – рече Светиот Отец, додавајќи: За да го следи Господ, Црквата е повикана да го дели милосрдието на сите кои се исповедуваат за грешници, кои прифаќаат одговорност за злото кое го направиле и кои чувствуваат потреба за простување. Црквата не постои за да ги осудува луѓето, туку за да ги доведе на средба со длабоката љубов на Божјото милосрдие.

За тоа да се случи потребно е да се излезе од црквата и парохијата и да се бараат луѓето таму каде што живеат и страдаат, каде што се надеваат – објасни папата Фрањо. Во таа смисла често за „Црквата во излегување“ ја користи сликата за полска болница: таа оди таму каде што е борбата; не е изграден објект со својата опрема каде што луѓето одат за да се лекуваат од мали и големи болести. Таа е подвижна структура која дава прва и непосредна помош за да не умираат војниците. Таа е место – како што рече – на итна нега, а не место каде што се оди на специјалист.

Папата во новата книга се осврнува и на темата корупција или расипаност, нарекувајќи ја голем грев кој – наместо да го препознаеме и да се направиме понизни – се издигнува на ниво на системот; станува ментална навика, начин на живот. Повеќе и не чувствуваме потреба за милосрдие, туку се оправдуваме. Покајникот ќе најде простување ако ја признае потребата за милосрдие, но расипаниот човек греши, но не се кае; греши и се прави дека е христијанин и неговиот двоен живот е соблазна.

Расипаниот човек не знае за понизност, смета дека не му е потребна помош и води двоен живот. Не смееме да ја прифатиме состојбата на корупција како да е само уште еден грев. Дури и ако расипаноста често се поистоветува со гревот тоа всушност се различни работи иако се поврзани – рече папата Фрањо. Напомена дека повторувањето на гревот може да води до корупција, но не во квантативна смисла: се формираат навики кои ја ограничуваат способноста за љубов и создаваат лажно чувство за самодоволност.

Расипаниот човек се изморува да бара прошка и на крајот верува дека повеќе не мора да ја моли. Не стануваме расипани преку ноќ. Таа е долга лизгава падина и не може само да се поистовети со серија гревови. Некој може да биде голем грешник, а никогаш да не падне во расипаност на срцето и понатаму да ја чувствува својата сопствена слабост. Тој мал отвор овозможува влез на Божјата сила – истакна Светиот Отец објаснувајќи:

Кога човекот се признава за грешник тогаш признава на некој начин дека е лажно она на што бил наврзан. Корумпираниот човек пак го сокрива она што го смета за свое вистинско богатство, но всушност тоа го прави роб и ги маскира нејзините пороци со добрите манири и одржувањето на надворешноста.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот