Папата за војната во Украина: Не срамете се да преговарате

Папата за војната во Украина: Не срамете се да преговарате

Во интервју за швајцарската радио и телевизија на италијански јазик, папата Фрањо размислува за различните аспекти на војната и нејзините разорни ефекти, истакнувајќи дека за војната се потребни две страни и ги охрабрува преговорите за ставање крај на војните во Украина и Газа.

Војната во Украина и она што се случува меѓу Израелците и Палестинците, посебно во Газа, се некои од темите за кои зборуваше папата Фрањо во интервјуто што го даде за Лоренцо Бучели, новинар на Швајцарската радио и телевизија (РСИ), за културниот магазин. „Клише“ на почетокот на февруари, во емисија посветена на белата боја, бојата на доброто, светлото, но каде што грешките и нечистотијата доаѓаат до израз. Интервјуто кое го објавија на 9 март 2024 година некои агенции, на 20 март ќе се емитува на швајцарската телевизија.

Во интервјуто, Папата ги изнесува своите размислувања за војните кои го извалкаа светот, посебно војната во Украина и војната меѓу Израел и Хамас во Газа. Во исто време, тој истакна дека секој ден во 19.00 часот телефонира во парохијата Свето Семејство во Газа, каде што живеат 600 лица.

Она што го гледаат ми го пренесуваат – рече тој и нагласи: Тоа е војната За војна се потребни двајца, а не само еден. Двајца што војуваат се неодговорни. Покрај тоа, не постои само воена војна, има и, така да се каже, „герилска војна“, на пример од Хамас, движење кое не е воено. Тоа е лоша работа.

Преговорите никогаш не се предавање

Папата Фрањо додаде дека двете страни во секоја војна секогаш треба да седнат на маса за да водат мировни преговори. Преговорите никогаш не се предавање – посочи тој. Храброста е да не ја доведеш земјата до самоубиство – рече Папата и ги охрабри конфликтните страни да не се срамат да преговараат пред да се влошат работите.

Тој истакна дека преговорите може да се водат и со помош на меѓународните сили.

Зборот „преговара“ е храбар збор – рече тој. Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате. Можеби се срамите, но со колку смртни случаи ќе се спречи? Преговарајте на време; барајте земја која може да посредува. Денес, на пример во војната во Украина, има многу кои сакаат да посредуваат. Турција се понуди да го стори тоа. И други. Не срамете се да преговарате пред да се влошат работите “.

Војната е секогаш човечки пораз, а не географски

Во интервјуто и Римскиот бискуп повторно нагласи дека војната е лудост.

Како одговор на новинарската забелешка дека симболот на мирот е гулаб, Папата спомна сцена која – како што рече – секогаш му се враќа во мислите. На една комеморација каде што требаше да зборувам за мир и да пуштам два гулаби, првиот пат кога го направив тоа, веднаш дојде една врана која беше присутна на плоштадот Свети Петар, го грабна гулабот и го однесе. Многу е болно – рече Папата. Тоа е нешто што се случува со војната. Многу невини луѓе не можат да пораснат, многу деца немаат иднина.

Додаде дека често доаѓаат да го поздрават украински деца кои ја изгубиле способноста за насмевка, бидејќи доаѓаат од војната. Изгледа дека детето кое не знае да се насмее нема иднина, а потоа нагласи: Војната е секогаш пораз: човечки, а не географски.

Војната е моќ на темнината

Светиот Отец се осврна и на влијанието на производителите на оружје врз војните.

Има и такви кои велат: „Точно е, но мораме да се браниме…“ Но, тогаш сфаќате дека тие имаат фабрика за авиони, кои ги бомбардираат другите – забележа Папата. Не за да се брани, туку за да се уништи. Како завршува војната? Со смрт, уништување и деца без родители.

Тој истакна дека секогаш постојат географски или историски околности кои предизвикуваат војна; па може да има војна која изгледа праведна само од практични причини. Но, зад секоја војна стои индустријата за оружје, а тоа значи пари. Војната е темнина, моќ на темнината – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот