Пастирско писмо

Пастирско писмо

Пастирско писмо на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод инаугурацијата на новооснованата Епархија струмичко-скопска и устоличувањето на првиот епархиски епископ во Струмица на 02 декември 2018 година

Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христос! Мир и благослов!

Со радосно срце ви се јавувам со ова писмо со желба да ја споделиме благодраноста и заеднички да го прославиме Бога за големиот милосен дар кој е од историско значење за нашата Црква и нашиот народ. Светиот Отец, папата Фрањо преку Булата: „Мојата душа го велича Господа“ (Dominum magnificat anima), за верниците католици од визнтиски обред во Македонија основа нова црковна покраина или помесна црква Епархија насловена и наречена (БЛАЖЕНА ДЕВА МАРИЈА НА НЕБО ВОЗНЕСЕНА СТРУМИЦА – СКОПЈЕ – (Beatae Mariae Virginis in Caelum Assumptae Strumnitzensem – Scopiensem), односно „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА СТРУМИЦА – СКОПЈЕ или скратено Епархија струмичко-скопска. На тој начин досегашниот Апостолски егзархат е воздигнат во Епархија со седиште во Струмица-Скопје. Голем е тој настан во историјата на еден народ кога Универзалната црква ја согледува потребата да го уреди животот на една помесна Црква на ниво на самостојна Епархија каде што целокупниот живот и мисија на Црквата добива нова димензија не само правно туку и мистично.

Црквата е видлива заедница – Мистично Тело Христово – Нов Божји Народ, која ја основа Христос и која по Таинството на светите Тајни, навестувањето на Словото и братската љубов продолжува во историјата да го живее Христовото таинство. Таа е една, света, католичка и апостолска. Глава е Христос, а сите ние сме членови на тоа Мистично тело. Светиот Дух го оживува Телото-Црквата. Духот е истиот но различни се службите и различни се даровите на Духот, а сѐ ѐ во градење на тоа Тело во времето без ограничувања. Црквата е за сите времиња и сите народи Светлина на светот и “Лице Христово”. Но, таа секогаш се овоплотува со силата на Светиот Дух во одредено време и конкретен народ. И покрај тоа што го надминува времето и просторот, Црквата е секогаш препознатлива како видливо Христово присуство. Понекогаш ова присуство е покриено со тајна, тешкотии, прогонства, но опстојува како мало стадо, како квасец или синапово зрно, кое во секој миг дава благодатни плодови. Можеби дури и најмногу за време на прогони, кога останува само јазикот на сведоците маченици, црквата станува највидлив знак на вистината и темел на надежта. Заедницата на католици во Македонија е мала и е жив сведок како Црква, живее и опстојува како малцинство, а живееше и опстојуваше и во времињата на прогонства, во услови кои всушност се многу тешки. Историјата ни е мачна, но и славна, зашто верата и верноста кон Црквата ја докажувавме со солзи, пот и крв.

Што нам ни значи воспоставувањето на сопствена Епархија? Многу. Ова значи дека во најреална смисла, Црквата на овие простори е организирана како организам (не организација) за да можеме во целост да го овоплотиме Христовото присуство во ова време, сега и тука. Пасторалното послание и отвореноста сега добиваат нов квалитет на заедништво со епископот – како сопствен пастир – за клерот и народот, сите според своите харизми се повикани и испратени да го градат Христовото Тело за својата заедница, а стануваат и видлив знак за сите луѓе со добра волја. Поврзаноста со Сеопштата Црква преку видливиот поглавар – Петар на нашите денови – нè прави сигурни дека сме во заедништво со апостолската вера, со славењето на Божествените таинства и постојани во љубовта која е заснована на Петар како карпа.

Ново воспоставената епархија е и знак за внимателната грижата на Сеопштата Црква која ја увидува и нагласува важноста на локалната Црква, особено затоа што се работи за посебен, сопствен обред. За Католичката црква, неискажливо богатство се разновидноста во обредите. Во византиската традиција е зачувана димензијата на Богослужбите од старите времиња кои изобилуваат со извонредна убавина на симболи и длабочина на доживување на светоста што е битен литургиски знак. За Црквата, оваа разноликост е богатство, но и можност на таквата заедница да и се овозможи пасторално и литургиски да ја живее своја специфичност за радост и духовен напредок на верниците. Папата Фрањо е особено чувствителен на малите заедници, расфрлени, периферни, а битни како знак на надеж и извор за спасение.

Благодарноста на Господ Бог и на Светиот Отец Папа за прогласувањето на новата Епархија и устоличувањето на првиот резиденцијален епископ во Катедрланата црква Успение на Пресвета Богородица, ќе ја прославиме на 02 декември 2018 година. Затоа, додека ве препорачувам под небесната заштита на Пресвета Дева Марија на небо вознесена, ве повикувам сите молитвено подготвени тој ден да учествуваме како поклоници (ходочасници) на прославата.

Затоа одредувам ТРОДНЕВНИЦА во сите наши парохии: на 28, 29 и на 30 ноември, во вечерните часови, во сите наши Храмови да има обожавање со прикладни медитации, молитви и побожности.

– Првиот ден молитвената накана да биде ЗА СИТЕ ПАСТИРИ И НОВИ ДУХОВНИ ЗВАЊА.

– Вториот ден молитвената накана да биде ЗА СИТЕ ВЕРНИЦИ НА ЕПАРХИЈАТА (живи и починати).

– Третиот ден молитвената накана да биде ЗА СЛОГА, МИР И НАПРЕДОК.

– На 1 декември во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица со почеток во 19 часот ќе биде пригодна Академија во чест на новооснованата Епархија.

– На 2 декември во 9,00 часот Света Архиерејска литургија во Катедралната црква која ќе ја предводи Неговата Еминенција кардинал Леонардо Сандри, Префект на Конгрегацијата за Источните цркви во Рим. При оваа пригода ќе бидат прочитани Декретите од Светиот Отец Папа за основањето на Епархијата и првиот Епархиски епископ и неговото устоличување. На овие историски свеченсоти сите вие, драги верници, искрено сте поканети и се очекува вашата присутност. Во прославувањето ќе ни се придружат гости од земјава и странство.

На втори декември, по храмовите на нашата епархија свети литургии предпладне нема да се служи. Свештениците заедно со своите верници не само што е предвидено, туку и се очекуваат да присуствуваат на светата литургија во Струмица во 9,00 часот.

Доколку некој не е во можност да биде во Струмица тогаш во попладневните часови ќе има можност да присуствува на св. Литургија во својата Црква во определениот час од парохот.

Драги браќа и сестри известувајќи ве за овој голем и значаен настан кој ја гради историјата на нашата Црква, уште еднаш ве повикувам на благодарна молитва до Господ Бог за новоосновата Епархија. Сите вас нека ве чува и на добро поттикнува заштитништвото Успение на Пресвета Богородица!

+ Киро Стојанов, епархиски епископ

За авторот