Папата: Католичките заедници треба да ги евангелизираат младите во услови на духовна сиромаштија
Папата Лав XIV ја охрабри Дикастеријата за евангелизација да им помогне на католичките заедници низ целиот свет во нивните напори да одговорат на кризата на духовното сиромаштво кај младите луѓе.
Папата Лав XIV во четврток, 28 мај 2026 година, се сретна со учесниците на пленарната седница на Дикастеријата за евангелизација, Секција за основни прашања на евангелизацијата во светот.
Тој потсети дека 33 милиони луѓе го посетиле Рим за време на Јубилејот на надежта во 2025 година, заблагодарувајќи ѝ се на Дикастеријата за координацијата на напорите за прием на толку голем број верници.
Нарекувајќи го Јубилејот „време на милост“, Папата рече дека тој се живеел во Рим преку поклонение во четирите папски базилики, но и во локалните црковни заедници, каде што католиците ја препознале длабоката човечка желба за надеж.
Папата Лав XIV истакна дека проповедањето на Евангелието не е утописки предлог, туку сведоштво што ги привлекува другите преку повикот кон љубовта и вистината.
„Евангелизацијата бара таа да продолжи да биде основна мотивација на секое делување на универзалната Црква и на локалните заедници“, рече тој. „Само на тој начин верата постојано се открива во својата убавина и може на најдобар начин да ја изрази својата веродостојност.“
Тој посочи на кризата на верата, особено видлива во западните земји, која доведе до верска рамнодушност.
Вистинскиот ризик за човештвото, додаде Папата, е тоа што рамнодушноста води до откажување од барањето одговори на егзистенцијалните прашања, како што е потрагата по смисла.
„Дури и во овој контекст“, рече тој, „средбата со Христос е способна повторно да му даде полна смисла и вредност на животот на луѓето, а Црквата повторно ја открива вечната важност на посланието што го примила од воскреснатиот Господ.“
Мисијата на Црквата, рече Папата, е да му помогне на човештвото да гради врз сигурни темели, за иднината да биде исполнета со „мир, правда, слобода и братство“.
Многу млади луѓе се будат со глад за духовност, истакна тој, повикувајќи ја Црквата да одговори на таа желба преку постојано барање нови начини за навестувањена Евангелието.
„Новата генерација не е затворена за Евангелието“, рече тој. „Напротив, многумина, кога повторно ќе го откријат, сакаат подобро да го запознаат, бидејќи сфаќаат дека во него се крие тајната на вистинската среќа.“
Бидејќи методите на евангелизација постојано се менуваат, католичките заедници треба да го слушаат гласот на Светиот Дух, за Тој да може да води многу луѓе кон Христос, кон Неговата спасителна љубов и Неговото слово.
Папата Лав XIV рече дека во некои делови од светот е прекинато пренесувањето на верата, што доведува до духовна „сиромаштија“. Тој ја опиша како недостиг од мотивации и средства потребни за созревање во целосна слобода на верата.
Хипермедијализираните и потрошувачки општества, рече тој, ги прават луѓето помалку способни и помалку подготвени трпеливо да учат или лично да ја бараат вистината.
Во такви контексти, рече Папата, пренесувањето на верата се потпира на средбата со заедници и луѓе кои се радосни и кои доследно и веродостојно го живеат Евангелието.
„Светоста на животот, затоа, секогаш останува најубедливата форма на убавината на христијанската вера, која го надминува времето и ѝ се предлага на секоја култура“, рече тој.
На крајот, папата Лав XIV ја охрабри Дикастеријата за евангелизација да ја прифати својата мисија за помош во катехезата, особено во однос на сè поголемиот број луѓе што бараат крштение како возрасни.
Додека новите католици ги прават своите први чекори во верата, заклучи Папата, католичките заедници треба да им обезбедат простор за раст и „меѓучовечки односи живеени во љубов и меѓусебна служба“.
Ватикан њуз/к.мк

