Папата Фрањо: Молете се, чувајте ја верата и живејте ја радоста

Светиот Отец на Света Литургија со семејствата, која ја служеше на 27 октомври на плоштадот Свети Петар, својата проповед, како и обично, ја втемели на три точки: Семејство кое моли, Семејство кое ја чува верата и Семејство кое ја живее радоста. Тоа се темелни белези на христијанското семејство.

Прво е Семејство кое моли, рече папата Фрањо. Евангелието денеска ни воочува два начини на молитва, еден лажен – оној фарисејскиот – и другиот веродостоен начин – оној на цариникот. Фарисејот покажува став и однесување кое на Господ, за Неговите добрини и неговото милосрдие, не Му искажува благодарност, туку пред сè едно задоволство со самиот себе. Фарисејот се чувствува праведен на своето место и ги суди другите од високо, од својот пиедестал. Спротивно на тоа, цариникот не ги умножува зборовите. Неговата молитва е понизна, трезвена, проткаена со свест за сопствената недостојност, за сопствената беда: овој човек си признава самиот на себе за потребата од Божјото опростување.

Молитвата на овој цариник е молитва на сиромав и молитва која му е мила на Господ, која – како вели Првото читање – продира во небесата (Сир 35,20), додека онаа на фарисејот е оптоварена со суета. Во таа смисла, би сакал да ве запрашам вас, драги семејства: молите ли некогаш како семејство. Некои да, тоа го знам; но многумина ме прашуваат: како се моли? Молитвата е лична работа, а исто така понекогаш не наоѓаме соодветен момент на мир… Да, вистина е, ама тоа е и прашање на понизност; прашање на признавање на својата потреба за Господ, како што тоа го правеше цариникот! А за тоа е потребна едноставност! Молете заедно Оче наш, околу трпезата ако се може. Молете заеднички Бројаница, во семејството, многу е убаво и дава многу сила! И молете едни за други! – рече Светиот Отец, па продолжи:

Второто читање ни предлага еден друг аспект: семејство кое ја чува верата. Светиот апостол Павле, на залезот од својот живот, прави една рекапитулација на целото свое делување: Верата ја сочува (2 Тим 4,7). Како ја сочува? – запраша Папата – дали ја стави во некој сеф? – Не, нити ја закопа во земјата, како мрзливиот слуга. Павле својот живот го споредува со битка и трка. Ја сочува верата, бидејќи не се ограничи на тоа да ја брани, туку да ја навестува, да ја вкорени и да ја пренесе далеку. Одлучно се спротивстави на оние кои сакаа да ја сочуваат и да ја „балсамираат“ Христовата порака внатре во границите на Палестина. Затоа правеше храбри избори, заминуваше во непријателски настроена средина, допре до оние кое се далеку од различни култури, говореше слободно и без страв. Павле ја сочува верата, онаква каква и ја прими; каква му беше дарувана, брзајќи на перифериите, не водејќи сметка за тоа да се оправда или да се брани пред нападите.

И тука можеме да се запрашаме: како ние ја чуваме својата вера? Ја држиме ли само за себе и внатре за своето семејство, како некое приватно добро или знаеме да ја делиме и да ја пренесуваме со сведоштво, со прифаќање и отвореност кон другите. Сите знаеме дека семејствата, на посебен начин оние младите – рече Папата – живеат во трка и во брзање; меѓутоа дали помислувате дека понекогаш таа трка може да биде и трка на верата? Христијанските семејства, мисионерските семејства, во секојдневниот живот, правејќи го тоа преку сите денови, зачинуваат сè со солта и квасецот на верата – рече Светиот Отец.

Третиот аспект – продолжи Папата – го извлекуваме од Божјото Слово: Семејство кое ја живее радоста. Во псалмот пишува, Нека слушнат понизните и нека се радуваат (Пс 34,3) Целиот псалм всушност е една химна упатена кон Господ како извор на радоста и мирот. Но, која е причината за таквата радост? – Оваа: Господ е близу, го слуша крикот на малите и ги ослободува од злото. Павле исто така и пишува: Бидете радосни… Господ е близу (Фил 4,4-5)!

Драги семејства, тоа вие добро го знаете: вистинската радост во семејството не е ништо површно, ниту доаѓа од материјалните работи ниту од угодни околности. Вистинската радост доаѓа од длабоката складност меѓу личностите, сите што чувствуваат во срцето, што дава во срцето да ја почувствуваме убавината на она да се биде заедно, како потпора едни на други на животниот пат. Меѓутоа во темелот на ова чувство на длабока радост, е Божјата присутност во семејството; Неговата љубов која прифаќа; која е милосрдна; која го почитува секого. Единствено Бог умее да воспостави складност помеѓу разликите. Ако Божјата љубов недостасува, тогаш и семејството ја губи складноста и преовладува индивидуализмот со што се гаси радоста. Ако пак семејството ја живее радоста на верата, па и спонтано ја соопштува, постанува сол на земјата и светло на светот; за општеството е и квасец. Радоста и мирот Господов нека бидат секогаш со вас – рече Светиот Отец, завршувајќи ја својата проповед.

Извор: РВ/Превод: С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот