Папата: Обезбедете грижа и олеснување на смртно болните, а не смрт

Папата: Обезбедете грижа и олеснување на смртно болните, а не смрт

Папата Фрањо ги потсети управителите и политичарите од француската бискупија Камбре, кои ги прими во аудиенција во петок 21 октомври 2022 година, на улогата на политиката и важноста на близината со граѓаните, со посебно внимание на луѓето кои се на крајот од животот: треба да оставиме збогатено културно, општествено и интелектуално наследство на идните генерации.

Политиката мора да им даде приоритет на најосновните потреби на граѓаните, кои премногу често се занемаруваат во однос на модерните теми кои немаат врска со нивното секојдневие. Тоа треба да се направи ставајќи им се на располагање да им се служи и да се слушаат нивните потреби, далеку од идеологиите кои ја прочистуваат реалноста и далеку од медиумскиот притисок што ја разубавува и не ја прави автентична во нејзиниот израз – истакна папата Фрањо, примајќи ги во аудиенција јавните управители од северна Франција, кои во Рим се придружувани од надбискупот од Камбре, Монс. Винсент Долман.

Општествена и културна димензија

На границата меѓу Франција и Белгија, областа каде што се наоѓа овој француски град некогаш била богата со рудници за јаглен, силна металуршка индустрија и реномирани текстилни фабрики – потсети Папата. Сепак, почнувајќи од 70-тите години на 20 век, помина низ страшна стагнација, со затворање на рудниците и фабриките развиени за време на индустриската револуција во 19 век. Економската криза – напомена – значи и осиромашување на населението.

Знам дека тоа е предизвик со кој се соочувате со децении. Покрај главната грижа за општествените проблеми, знам дека културната димензија на вашиот регион ви е исто така при срце, свесен за фактот дека човекот не се храни само со леб, туку и со гордоста на сопствените корени истакнати од културата, придонесувајќи секој да се сеќава на неговото достоинство.

Прифаќање и грижа

Што се однесува до социјалните прашања, папата Фрањо ја истакна важноста од прифаќање на најранливите. Не само мигрантите, кои се особено при срце на Папата, туку и лицата со посебни потреби. Ним им требаат повеќе структури за да им го олеснат животот и животот на нивните семејства и пред се да им се покаже почит што ја заслужуваат – истакна Папата, нагласувајќи дека е неопходно да им се овозможи пристап до светот на работата.

Друг важен аспект е грижата за старите лица и луѓето на крајот од животот, кои треба да се следат со развојот на палијативната нега. Здравствените работници по природа имаат повик да пружат нега и олеснување, иако не можат секогаш да лечат, но не можеме да бараме од нив да ги убиваат своите пациенти – истакна Папата.

Ако убиваме со оправдување, на крајот убиваме уште повеќе. Се осмелувам да се надевам дека, за вакви важни прашања, треба да се води вистинска дебата за да може да се следи животот до неговиот природен крај и да не дозволиме да бидеме обземени од оваа култура на отфрлање што е донекаде насекаде.

Наследство од минатото и за иднината

Културниот опсег е важен како фактор на единство – објасни потоа римскиот бискуп – затоа што тоа е плод на заедничко минато, живот живеен во област која е ваша, која ја сакате и каде Црквата никогаш не била отсутна. Вашата покраина беше сцена на настани што ја обликуваа, а на вас останува да ја вреднувате за да го пренесете нејзиното наследство на идните генерации.

Имено, настаните од минатото придонесоа за историјата и литературата, како и за политичките и економските перспективи за иднината на целата земја. Го користиме наследството од минатото и многупати забораваме дека треба и ние да дадеме наследство на оние што доаѓаат по нас; наследството е двојно, она што го примивме и она што треба да го дадеме. Тоа културно, општествено, интелектуално наследство треба да се пренесе, збогати, да се пренесе она што сте го збогатиле, што сте примиле.

Близината на Црквата

На крајот, Папата ја изрази својата радост што гледа дека присутните, кои се одговорни на економско и општествено поле, се заинтересирани за пораката на Црквата, на која – како што рече – секогаш можат да сметаат. Заедно со вас, таа се стреми да допре до мигрантите – кои мора да бидат прифатени, следени и интегрирани – до постарите и болните; со други зборови, на сите оние кои се оставени, а чија најголемо сиромаштво е несомнено исклученоста и осаменоста што произлегува од неа – истакна папата Фрањо

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот