Бискупот Стојанов ја предводеше Полноќната Миса во Скопската катедрала

Во среда 24 декември 2014 година Светата полноќна Миса во Катедралата Пресвето Срце Исусово – Скопје ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов. На светата Миса сослужуваа дон Давопр Топиќ, катедрален парох, монс. Антун Циримотиќ, директор на Македонски Каритас, о. Марјан Ристов, бискупскиот канцелар, капеланот дон Јошт Мезег, како и свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија, о д-р. Зоран И. Стојанов, о. Спасо Ристов и о. Димитар Ташев.

Скопската катедрала беше исполнета со мноштво верници католици, како и верници од други вероисповеди, а присутни беа и претседателот на Република Македонија, Ѓорги Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вењановски, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, амбасадорот на Република Македонија при Светиот Престол, Звонимир Јанкуловски, претставници на Македонската православна црква –ОА, од Евангелско – методистичката црква, проповедник Михаил Цеков, претседателката на Еврејската заедница во Македонинја Берта Романо, како и бројни лица од јавниот живот.

Поради тоа што во Скопската бискупија е продолжена пасторалната година „Година на семејство“ на почетокот од Полноќната света Миса во процесија беше и семејството Матиќ, а таткото на семејството пред олтарот на бискупот Стојанов му го предаде Малиот Исус, а потоа сите заедно предводени од церемонијалот дојдоа пред пештерата каде што го положија Малиот Исус.

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри, Божик е. Од година во година празнувањето на овој настан со кој започна нова ера на човештвото, длабоко го допира срцето на секој верник, но и на секој човек со добра волја. (…) Ја гледаме визијата на пророкот Исаија – и тој гледа силно мнозинство, народ кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина. Визијата на пророкот Исаија е визија на вистинското ослободување на човекот и човештвото, бидејќи повеќе нема робови и отуѓени луѓе, повеќе нема питачи и страдања, зашто јаремот, кој му тежеше, и жезолот што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач ги скрши оној кој доаѓа. Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамената Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот.“

„Кога човек ќе ја наведне својата горда глава и ќе се доближи до Витлеемската пештера, го отфрлува од себе својот егоизам и надменост и тогаш препознава дека христијанинот не е утопист, не е фанатик, не живее од фантазии ТУКУ Е ЧОВЕК СО НАДЕЖ. Христијанинот е визионер кој гледа дека Исус е единственото решение на оваа неурамнотеженост што ја доживеал цар Август со визијата на пророкот Исаија и дека тоа не е прикаска туку историска реалност: Христос е единствениот Спасител на светот, но човекот не го менува насилно ниту само однадвор, туку го менува човекот одвнатре. Оној кој може да го менува срцето може да го слави Божик. Затоа во визијата на Лука гледаме дека небото се отвора и Божјата слава осветлува обични луѓе – пастирите кои во својата едноставност биле подготвени да ја прифатат Радосната вест и да и поверуваат: Еве ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе. Зашто денес ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Одговор на нивната вера е ангелската химна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

Пред крајот од својата проповед бискупот Стојанов посака честит и благословен Божиќ на сите присутни и оние кои ја следат Мисата преку медиумите, пренесувајќи ги честитките и поздравите од Светиот Отец, папата Фрањо преку Апостолската нунцијатура и честитката од Апостолскиот нуцниј во Република Македонија Анселмо Гвидо Пекорари, божиќната честитка од митрополитот за месната Црква во Македонија, архиепископот Врхобосански кардинал Винко Пуљиќ, честитка од шпанскиот кардинал Сантос Абрил и Кастељо, поранешен Апостолски нунциј во Република Македонија, а исто така заблагодари за присуството на државните власти, на медиумите кои овозможија директен пренос од Скопската катедрала, како и на сите останати претставници.

За време на Мисата пееше Катедралниот хор под раководство на с. Татјана Атанасова, а со своето служење за свечената Миса допринесоа министрантите.

После светата Миса бискупот Стојанов со своите соработници за претставниците на власта, верските и политички претставници, како и за лица од културниот живот и парохиската заедница приреди Божиќен пример во просториите на Пасторалниот центар

к.мк/д.Д.Т.

Категорија: Македонија

За авторот