Имаме ли време за Господ?

Го барам своето. Колку ли пати само сум дошол во оваа напаст? Тоа е она што ми припаѓа. На тоа имам право. Овие и слични зборови често ги кажувам на своите ближни. Се повикувам на своите права занемарувајќи ги своите обврски. Како млад син кој го бара делот што по право му припаѓа, а во истиот момент заборава на обврската помагање на својот татко, обврска – биди вистински син на својот татко! Колку ли пати само сум ги барал своите права од тебе, Господи? Дај ми го она што ми припаѓа: дај ми добри родители, браќа, сестри, пријатели, дај ми здравје, убав изглед, пари, успех; дај ми подобар мобилен телефон, куќа, автомобил, дај ми сé што ќе посакам и кога ќе го посакам. Немам време јас да чекам! – Животот е краток! Барајќи го сето ова заборавам на она што е најважно: да се биде добар син на небесниот Отец!

Ти, Господи, сакаш да исчезнат било какви граници и препреки помеѓу Бог и човекот. Тоа е пат кон вечниот живот затоа што сé друго минува, останува на земјата. Сé што бараме и мислиме дека ни припаѓа, сé кон она што толку многу тежнееме, сé е тоа минливо и не нé води кај Тебе. Всушност сакаме да бидеме барем неколку чекори поблиску до тебе! Исусе, помогни ни да бидеме луѓе со отворени срца и отворени раце за нашите ближни, за оние со солзи на очите, за напуштените и одбиените, кои не можат да го бараат своето, не можат да посакаат повеќе – тоа е патот кој нас нé води кај тебе, тој пат треба да го следиме!

За сé она што во животот го сакаме, наоѓаме време. Сакаме музика, со часови ќе ја слушаме. Сакаме да бидеме на Facebook, со часови ќе седиме и ќе се допишуваме со пријателите, ќе споделуваме слики и статуси, иако никогаш не сме се виделе, ниту пак ќе се видиме со некои од нив. Сакаме да излеземе надвор и добро да се забавуваме сé до наутро. Сакаме да отидеме на кафе и таму ќе поминеме часови и часови. Затоа, за сé што сакаме, ќе најдеме време. Но ние сме верници! Да ја споредиме нашата љубов кон Исус и да кажеме колку го сакаме и колку време сме подготвени да жртвуваме за Него. Дали сме редовни на неделните свети Листургии? Дали молиме редовно или само кога нешто бараме? Имаме ли толку љубов за барем 1 час во неделата да бидеме на света Литургија, или 10 минути дневно во молитва? Не е толку  лесно да најдеме оправдание зошто не е така. Сепак, секој од нас најдобро знае да одоговори на вакви прашања. Секој од нас најдобро знае колку му е грижа за Господ да му го подари своето време затоа што тоа е најдрагоценото што можеме да Му го дадеме. Зошто не го можеме тоа? Зарем не го сакаме доволно! И тука можеме да ја потврдиме вистината дека „за сé што сакаме можеме да најдеме време“.

Пасторал за млади/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот