Струмица: Молитвено бдение „HOLYWIN – Светоста победува“

Струмица: Молитвено бдение „HOLYWIN – Светоста победува“

Во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, во петок 30 октомври 2026 година, се одржа традиционалното молитвено бдение „HOLYWIN – Светоста победува“, анимирано од младите од парохијата. На бдението покрај младите присуствуваа и повозрасни верници од парохиската заедница.

Молитвената вечер започна со Литанијата до сите светии, која ја пееја младите, по што беше изложена Пресветата Олтарска Тајна за евхаристиско обожавање, предводено од парохот о. Гоце Костов.

Во текот на обожавањето беа прочитани стихови од Евангелието според Лука, во кои Исус ги испраќа учениците да го навестуваат Божјото Царство и ги потсетува дека „жетвата е голема, а работниците се малку“. Во размислувањето беше нагласено дека секој христијанин е повикан да биде Христов сведок во секојдневниот живот. Младите беа охрабрени да се запрашаат каде се повикани да го носат Христовиот мир и на кого во нивната близина му се потребни нивната љубов, внимание и сведоштво.

Бдението беше исполнето и со моменти на тишина, во кои присутните имаа можност лично да останат пред Исус Христос во Евхаристијата. Пред почетокот верниците ги запишаа и своите молитвени накани, кои потоа беа вклучени во заедничката молитва. Пред Господ беа принесени молитви за Црквата, Светиот Отец, епископот Киро, свештениците и ѓаконите, за семејствата и младите, за болните, осамените и оние што се оддалечиле од верата, за мир во светот и за починатите, како и личните потреби и накани што секој од присутните ги довери во молитва.

Бдението заврши со евхаристиски благослов, по што следуваше заедничко дружење во парохиската сала.

„HOLYWIN – Светоста победува“ традиционално се одржува кон крајот на месец октомври и потсетува дека светоста е повик за секој христијанин, повик што се живее во конкретниот секојдневен живот.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот