Епископот Стојанов служеше Божиќна Литургија во Струмица

Епископот Стојанов служеше Божиќна Литургија во Струмица

Неговото Високопреосвештенство монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во доцните вечерни часови на 6 јануари 2024 година година ја предводеше божиќната света Литургија во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. На Литургијата со епископот Стојанов сослужуваа протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, Декан на деканатот Свети Кирил и Методиј, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, катедралниот парох протојереј ставрофор отец Спасо Ристов, поранешниот катедрален парох протојереј ставрофор отец Горге Трајков, протојереј отец Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија и катедралниот капелан отец Трајче Ташев.

Пред почетокот на Литургијата во процесија владиката Стојанов го положи Богомладенецот Исус во јаслите од пештерата, како видлив симбол за Раѓањето Христово.

Во својата проповед епископот Стојанов најпрво ги поздрави присутните со празничниот поздрав Христос се роди, а потоа зборуваше за копнежот на човекот да го види и запознае лицето на Бога, што е изразено на различни начини и во Стариот Завет. Изненадувањето е Божјиот одговор, земјаќи човечки лик и токму таа вистина станува камен на сопнување истакнувајќи дека Бог не зеде едно лице туку на „секој човек на земјата“ и затоа во секое човечко создание се отсликува лицето Божјо посебно во гладните, жедните, голите, босите, болните затворените… – истакна епископот Стојанов.

Осврнувајќи се на рождествениот настан во Витлеем кога Марија и Јосиф наидоа на затворени врати истакна дека и денес тоа се повторува во нашиот живот, непрепознавајќи го Бога во сиромашните луѓе, и додаде дека многу често знаеме и рамнодушно да ги игнорираме, или „убаво“ да се ослободиме од нив испраќајќи ги на друго место.

Својата проповед епископот Стојанов ја заврши истакнувајќи дека Божиќ е покана да бидеме внимателни на Оној кој доаѓа кај нас во лице на човек нагласувајќи дека само чистото срце со љубов и милосрдие е способно да го препознае Бога во лицето на браќата и сестрите – рече на крајот епископот Стојанов.

За време на свечената Литургија пееше катедралниот хор.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот