Папата посакува единство на христијаните

Светиот Отец третиот ден од апостолското патување во Турција го започна со света Литургија во нунцијатурата во Истанбул. По светата Литургија Папата се сретна со Големиот рабин на Турција Исак Халев. Во Турција има околу 25 000 Евреи, а најмногу живеат во Истанбул и Смирна. Рабинот Халев се сретна и со почесниот Папа Бенедикт XVI во текот на неговото апостолско патување во Турција на 30 ноември 2006 година.

„Единствено што Католичката Црква сака и јас како Римски епископ барам е заедништво со православните Цркви“ – рече папата Фрањо обраќајќи се на екуменскиот патријарх Вартоломеј I после славењето на Божествената Литургија на празникот свети Андреј апостол во црквата Свети Ѓорѓи во Истанбул.

Папата истакна дека личната средба и молитвата се важни делови на патот кон обнова на полното заедништво, а кои претходат на другиот важен дел, односно теолошкиот дијалог. „Автентичниот дијалог“ – заклучи – „е средба со личност со име, лице, минато, а не само средба на идеја.“ Светиот Отец потсети на средбата на екуменскиот патријарх Атенагора и папата Павле VI пред педесет години во Ерусалим; средба која го започнала патот на помирувањето и мирот помеѓу католиците и православните.

Зборувајќи за единство на Црквите, папата Фрањо потсети дека декрет на Вториот ватикански собор за единство на христијаните Unitatis Redintegratio, признава дека православните Цркви „поседуваат вистински свети Тајни, пред сè апостолско наследство, свештенството и Евхаристијата, преку кои со нас и понатаму се поврзани со најблиска врска“ и понатаму ја истакнува неопходноста за чување и поддржување на богатото наследство на источните Цркви: литургиско, духовно, но и канонско.

Тоа начело е „неопходен услов за двете страни во повторното воспоставување на потполното заедништво, кое не значи подложување еден на друг или utпретопување еден во друг. Напротив, тоа значи да ги прифатиш сите дарови кои Бог на сите ги дал“ – продолжи Папата. „Сакам да ве уверам дека Католичката Црква за саканата цел на полно заедништво нема намера да наметнува било кои услови освен заедничката исповед на верата.“ Светиот Отец ја повтори подготвеноста на „барање заедно“ во светло на библиската наука и искуството на првите векови, патишта со кои можеме да го гарантираме единството на Црквите во сегашните ситуации.“

„Во денешниот свет се слушаат гласови кои не можеме да ги занемарите, а кои ги заколнуваат нашите Црви длабоко да го живеат својот идентитет како ученици на Господ Исус Христос “ – рече Папата. Прв од тие гласови е оној на сиромашните кои патат од неисхранетост, невработеност и општествена иклученост кои бараат не само материјална помош, туку и одбрана на своето човечко достоинство. „Како христијани повикани сме да ја отстраниме глобализацијата на рамнодушност“ и „да изградиме нова цивилизација на љубов и солидарност“.

Другиот глас доаѓа од жртвите на конфликтите во бројни делови на светот. „Да го одземеш мирот, да вршиш насилство – или да се согласиш со такви дела – посебно кога се насочени против најслабите и оние кои не можат да се одбранат особено е тежок грев против Бог, бидејќи покажува презир кон сликата Божја во човекот“. Третиот е гласот на младите кои се предаваат на недовербата и безнадежноста и под влијание на владеачката култура ја бараат среќата само во минливи материјални работи и задоволувањее на моменталните чувства. Сите овие гласови нè повикуваат да напредуваме кон полното заедништво, бидејќи на сите нив им е потребно нашето заедничко сведочење – заврши Папата доверувајќи го патот кон таа сакана цел на застапувањето на апостолите Андреј и Петар.

РВ/к.мк/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот