Сите христијани се повикани да го навестуваат Евангелието

Сите христијани се повикани да го навестуваат Евангелието

Папата Фрањо во попладневниот говор во недела 15 јули 2018 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан, зборуваше за Евангелието од денешната Литургија, кое се концентрира на мисионерскиот стил, кој може да се опише во две точки: посланието има центар и лицеСите христијани се повикани да го навестуваат Евангелието, а оние кои не чувствуваат потреба за навестување на Евангелието, да го навестуваат Христос, не се добри христијани – предупреди папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов.

Папата напомена дека денешното Евангелие од Марко ни го прикажува моментот кога Исус ги повикува дванаесетте и им дава послание: Откако ги повика со име, „да бидат со него“ (Марко 3,14), слушајќи ги неговите зборови и гледајќи ги неговите дела на излекувања, сега повторно ги повикува за да ги испрати два по два. Тоа е своевидна „пракса“ за она на што ќе бидат повикани да го прават после Воскресението на Господ со силата на Светиот Дух – напомена Светиот Отец.

Папата Фрањо појасни дека денешното Евангелие се концентрира на мисиоерскиот стил, кој може да се опише во две точки: посланието има центар и лице. Упатувајќи го вниманието кон првата точка, Папата рече дека ученикот мисионер пред сѐ има свој центар на кој реферира, а тој центар е Исус Христос.

Исус е центарот

Тој напомена дека евангелискиот извештај користи низа глаголи кои го имаат Исус како свој субјект: ги повика, ги праќа, им даде власт, им заповеда. На тој начин да се оди и да се делува од страна на дванаесетмината ги прави како да излегуваат од центарот, и на тој начин му ја носат на светот Исусовата присутност и неговите дела во своето мисионерско делување. Тоа покажува дека апостолите немале ништо сопствено што требало да навестат, туку зборуваат и делуваат како „испратени“, Христови мисионери – рече Светиот Отец.

Таа евангелска епизода се однесува и на нас: не само на свештениците, туку сите крстени се повикани да го сведочат Христовото евангелие во различни животни контексти – истакна Папата и продолжи: За нас тоа послание е автентично единствено ако произлегува од неговиот непроменлив центар, којшто е Исус. Тоа не е иницијатива на некои поединечни верници, ниту пак групи, дури и на големи здруженија, туку тоа е мисија на Црквата која е неодвоиво соединета со својот Господ. Ниту еден христијанин не го навестува Евангелието „од себе“, туку само како мисионер на Црквата, која од самиот Христос го прими посанието  – напомена Папата додавајќи дека токму крштението го прави христијанинот да биде мисионер и предупреди дека христијанинот кој не чувствува потреба да го навестува Евангелието, да го навестува Христос, не е добар христијанин.

Сиромаштво на средства

Втората карактеристика на мисионерскиот стил е „лице“ кое се состои во сиромаштво на средства – рече Светиот Отец и продолжи: Неговата опрема одговара на критериумот трезвеност. Навистина, дванаесетмината имале заповед да не носат ништо освен еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот. Учителот сака да бидат слободни и лесни, без поддршка и услуги, сигурни единствено во љубовта на Оној кој ги испраќа, силни единствено во неговото слово, кое одат да го навестат – рече Папата.

Потоа објасни дека стапот и сандалите се опрема на ходочасници, бидејќи такви се гласниците на царството Божјо: не семоќни менаџери, неподвижни службеници или ѕвезди на турнеи. Во тој контекст потсети на некои светци од Римската бискупија како свети Филип Нери, напоменувајќи дека тие не биле службеници или претрприемачи, туку понизни работници на Царството – истакна Папата.

Искуството на неуспех

И на тоа „лице“ исто така припаѓа начинот на кој ќе биде прифатена таа порака: навистина може да се случи да не бидат примени или да не ги послушаат. И тоа е сиромаштво: искуство на неуспех – рече Папата додавајќи дека отфрлањето на Исус и неговото распетие ја наговестувт судбината на неговите мисионери. И само ако сме соединети со Него, умрениот и воскреснат, ќе успееме да најдеме храброст да евангелизираме – рече папата Фрањо.

Нека Блажена Девица Марија, првата ученичка и мисионерка на Божјото Слово ни помогне да ја донесеме на светот евангелската порака во понизна радост која зрачи, и покрај одбивањето, неразбирањето или маката – заврши Светиот Отец.

Ватиканњуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот