Папата Лав XIV го оствари своето право на глас на среднорочните избори во Соединетите Американски Држави преку гласачко ливче по пошта, четири дена пред официјалниот изборен ден, 3 ноември 2026 година.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во петок, 30 октомври, потврди дека папата Лав XIV, кој го задржа американското државјанство, гласал на претстојните среднорочни избори во САД.
„Папата Лав XIV го остварувал своето право на глас како граѓанин на Соединетите Американски Држави секогаш кога имал право на тоа“, се наведува во соопштението.
Канцеларијата за печат потврди дека, „во согласност со оваа долгогодишна практика на граѓанско учество, тој го поднел своето гласачко ливче по пошта во Чикаго“.
Среднорочните избори ќе се одржат во вторник, 3 ноември 2026 година. Тие се нарекуваат среднорочни бидејќи се одржуваат на половина од четиригодишниот претседателски мандат. На овие избори не се избира претседател на САД, туку се обновува составот на Конгресот и се избираат голем број сојузни, државни и локални функционери.
„Светиот Отец, исто така, потврди дека за време на годините поминати во Перу го остварувал своето право на глас секогаш кога имал право на тоа“, се додава во соопштението.
„Светиот Отец ја потврдува својата верба во правото и должноста на граѓаните да учествуваат во демократските процеси.“
На изборите на 3 ноември ќе се избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом, чиј мандат трае две години.
Во Сенатот ќе се избираат 35 од вкупно 100 места, а избори за гувернери ќе се одржат во 36 сојузни држави. Резултатите ќе влијаат и врз односот на силите во двата дома на американскиот Конгрес.
Папата Лав XIV, роден како Роберт Франсис Превост во Чикаго, е регистриран гласач во сојузната држава Илиноис. Пред да стане Папа, тој повеќепати го остварувал своето право на глас на американските избори.
Ватикан њуз/к.мк

