На 23 февруари 2017 година, папата Фрањо ги прими членовите на шпанскиот фудбалски клуб Виљареал и им рече дека тимскиот дух кој е толку клучен за играњето на добар натпревар, е важен и во животот и во општеството.
Играчите на Виљареал пристигнаа во Рим во 1/16 финалето на Европската лига за да ги одмерат силите со фудбалскиот клуб Рома.
Светиот Отец на присутните им рече дека фудбалот како и другите спортови – се огледало на животот и општеството: „Кога сте на терен, потребни сте си едни на други. Секој играч ги става на располагање своите професионални вештини и талентот за да се оствари заедничката цел, а тоа е да се одигра добар (натпревар) и да се победи,“ рече Папата.
Папата Фрањо истакна дела е потребно многу тренинг за да се постигне таа наклонетост и истакна дека е важно да се вложи време и труд во создавањето на тимскиот дух. „Тоа е можно ако делувате во духот на заедништвото, оставајќи го на страна индивидуализмот или личните стремежи. Ако играте за доброто на групата, полесно ќе победите,“ рече Светиот Отец.
Папата исто така говореше за силата на спортот за да ги едуцира и пренесе позитивните вредности. Рече дека многу луѓе – посебно младите – ги гледаат фудбалерите и им се восхитуваат, а фудбалерите имаат одговорност да понудат добар пример и да ги истакнат вредностите на фудбалот, а тие се заедништвото, личното залагање, убавината на играта и тимската игра.
Светиот Отец исто така рече дека една од особините на добриот спортист е благодарноста: „Морате да се присетите на многу луѓе кои ви помогнале и без кои не би биле овде,“ рече Папата додавајќи дека тоа ги вклучува оние со кои играле како деца, нивните први соиграчи, тренерите, асистентите како и нивните навивачи кои на секој натпревар ги охрабрувале со своето присуство.
„Таквото чувствување,“ продолжи Светиот Отец, „ни помага да растеме како личности, затоа што нашата „игра“ не е само наша, туку им припаѓа и на другите, кои се на некој начин дел од нашиот живот,“ рече папата Фрањо. Познато е дека самиот папа Фрањо е фудбалски навивач и аудиенцијата ја заврши поттикнувајќи ги спортистите да продолжат да играат и да даваат сѐ од себе за да можат другите да уживаат во тие убави моменти.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк