Папата: Да се грижиме за болните како Добриот Самарјанин

Папата: Да се грижиме за болните како Добриот Самарјанин

Во Твитер пораката објавена на 11 февруари 2023 година по повод Светскиот ден на болните, папата Фрањо поттикна на внимание кон оние кои страдаат, земајќи го Добриот Самарјанин како пример.

На денешниот Светски ден на болните, папата Фрањо преку Твитер порака охрабрува да погледнеме во оние кои страдаат и да го следиме примерот на Добриот Самарјанин. Токму Добриот Самарјанин – главниот лик на една од параболите на Исус – кој внимателно и со љубов му дава помош на ограбениот и претепан човек на патот, кој беше игнориран од минувачите, па дури и од свештеникот, папата Фрањо како пример за христијанскиот стил на сочувство го посочува и во неговата порака по повод Светскиот ден на болните, објавена на 10 јануари 2023 година.

Како Добриот Самарјанин, да застанеме и да се грижиме за болните и оние кои страдаат – напиша Папата на Твитер, потсетувајќи на празникот Пресвета Богородица од Лурд и повикувајќи нејзин благослов за сите болни и оние кои со љубов се грижат за нив.

Порака за светскиот ден на болните

Пораката за Светскиот ден на болните Папата ја наслови „Погрижи се за него“, потсетувајќи на препораката што Самарјанинот му ја дава на гостилничарот, поттикнувајќи го да му се посвети на ранетиот. Ова се зборови што Исус ги упатува до секој од нас – напиша Папата, додавајќи дека претепаниот, ограбениот и напуштениот на патот претставува ситуација во која премногу наши браќа и сестри се оставени во моментот кога им е најпотребна помош. Она што е важно овде – се вели во пораката – е да се препознае состојбата на осаменост, напуштеност.

Заедно да одиме кон најслабите

Токму на евангелскиот пример на Добриот Самарјанин Црквата треба да се осврне ако навистина сака да биде „вредна полска болница“ – поттикну Папата во својата порака, во која го објаснува и значењето на Светскиот ден на болните. Имено – според Папата – овој ден не само што повикува на молитва и близина со оние кои страдаат, туку има за цел да го сензибилизира Божјиот народ, здравствените институции и граѓанското општество за нов начин на заедничко чекорење напред.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот