Исус ќе го запознаеме ако го молиме, славиме и наследуваме

Исус не можеме да го запознаеме студирајќи го, не се доволни идеи и замисли, туку треба да Го молиме од срце, да Го славиме и наследуваме, порача папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 16 мај во капелата на домот Света Марта. Папата Фрањо одново ги повика сите да го читаат Евангелието кое понекогаш стои покриено со прашина, бидејќи никогаш не ее отвора.

Толкувајќи ги Исусовите зборови од денешното Евангелие, „Јас сум патот, вистината и животот“ (Иван 16, 1-6), Папата рече дека „познавањето на Исус е најважната работа во нашиот живот.“ Но, прашува Папата: „Како можеме да го запознаеме Исуса? Некој ќе каже: Учејќи. Оче, потребно е многу да учиме! Тоа е вистина! Мораме да го проучуваме катехизмот, но проучувањето само по себе не е доволно за познавање на Исус“, истакна папата Фрањо и продолжи: Некои сонуваат за тоа дека идејата, мислите ќе нѐ доведат до спознавање на Исус. И меѓу првите христијани имало такви кои така мислеле.“ На крајот, предупредува Папата, тие луѓе останале заробени во своите мисли.

„Идеите самите по себе не се животворни, кој го избира патот на самите мисли завршува во лавиринтот од кој веќе не излегува! Затоа од самите почетоци на Црквата потоеле ереси. Ересите се: обид исклучиво со сопствениот ум и сопственото светло да се сфати кој е Исус. Еден голем англиски писател зборувал дека ересот е луда идеја. Така е! Кога мислите остануваат сами – полудуваат… Тоа не е пат!“

За да го запознаеме Исус, рече Папата, мораме да ги отвориме трите врати:

„Првата врата: да го молиме Исус. Знајте дека студиите без молитва не служат за ништо. Молете го Исус за подобро да го запознаете. Големите теолози студираат на колена. Молејќи го Исуса! Со студирање и молитва малку се приближуваме… Но, без молитва никогаш нема да го запознаеме Исус. Никогаш! Никогаш! Втората врата: да Го славиме Исуса. Не е доволно молитва, потребна е радоста на славењето. Да го славиме Исус во Неговите свети Тајни, бидејќи таму ни дава живот, сила, храна, утеха, сојуз, послание. Без славење на светите Тајни нема да го запознаеме Исус. Карактеристика на Црквата е славењето. Третата врата: да Го наследуваме Исус. Земете го Евангелието: што направил Тој, каков бил Неговиот живот, што ни рекол, што нѐ научил… и да се обидеме тоа да го правиме.“

Да влезеш на ова трета врата, рече Папата, значи „да влезеш во таинството на Исус.“ Исус можеме да го запознаеме само ако сме способни да влеземе во Неговото таинство. И не треба да се плашиме од влегувањето во таинството на Исус Христос: тоа значи да молиш, да славиш и наследуваш. Така, истакна Папата, ќе го пронајдеме Патот во Вистината и во Животот.

„Денес би можеле да размислуваме за тоа што е со вратата на молитвата во мојот живот? Што е со молитвата на срцето, а тоа не е папагалска молитва! Молитвата на срцето, како стојам со неа? Што е со христијанското славење во мојот живот? Што е со имитирањето на Исус во мојот живот? Како морам да Го наследувам? Не се сеќаваш на тоа?! Затоа што Евангелието е полно со прашина, затоа што никогаш не се отвора. Земи го Евангелието, отвори го и ќе најдеш како да го имитираш Исуса! Да размислуваме за овие три врати, што е со нив во нашиот живот – тоа на сите ќе ни направи добро“, заврши папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот